Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви за настраданите
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > МАКЕДОНИЈА > Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви за настраданите
МАКЕДОНИЈА

Велигденско послание на г.г. Стефан: Трагедијата во Кочани не сплоти во тага и во молитви за настраданите

Објавено April 17, 2025 14:54
Сподели
Сподели

Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него, порача архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

– Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие. Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене! Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“ – рече г.г. Стефан.

Чудесната вест, додаде тој, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи.

– А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот! Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите – рече поглаварот.

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи, додаде г.г. Стефан.

– Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност. И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели – рече г.г. Стефан.

Оваа година, додаде архиепископот, прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

– Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него! Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.  Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин! Честит Велигден! Христос воскресе! – рече поглаварот.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Четири лица краделе предмети од објект на ЈП Железници со вкупна вредност од околу 1.239.000 денари
Следна Статија Седуммина осомничени за пожарот во Кочани од ефективен одат во куќен притвор

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МАКЕДОНИЈА

Граѓаните се повикуваат на бојкот на продавниците во петок и преку летоци

Повик за бојкот на маркетите в петок се шири на социјалните мрежи. Се повикуваат граѓаните да се воздржат од купување,…

January 29, 2025
МАКЕДОНИЈА

Филков: Нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална – потребно е да се создаде нова атмосфера на професионализам и почит во институцијата

Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител ,Љупчо Коцевски вели дека негова…

February 15, 2025
МАКЕДОНИЈА

Труење е веројатна причина за смртта на мајката и детето од Слатино

Министерството за внатрешни работи заедно со Основното јавно обвинителство Тетово преземаат мерки и активности за расчистување на настанот во тетовското…

October 9, 2024
МАКЕДОНИЈА

Пак пцовисуваат животни во „ЗОО Скопје“ – хоророт и натаму продолжува

Хоророт во Скопје ЗОО и натаму продолжува, пред некој ден почината млада женка мајмун сијаманг. Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ реагира…

June 16, 2025
Trending

Technology

  • Innovate
  • Gadget
  • PC hardware
  • Review
  • Software

Health

  • Medicine
  • Children
  • Coronavirus
  • Nutrition
  • Disease

Culture

  • Stars
  • Screen
  • Culture
  • Media
  • Videos

More

  • ХОРОСКОП
  • СВЕТ
  • ЗДРАВЈЕ
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?