Најновата анализа на Европската агенција за животна средина (EEA), која опфати 22.127 крајбрежни, езерски и речни локации, покажува дека 85 проценти од плажите биле оценети како одлични, при што Кипар повторно е прогласен за најдобра дестинација за пливачи, а Хрватска на петтото место.
Повеќе од 99 проценти од водите на Кипар добиле највисока оценка, а земјата е на самиот врв на рангирањето со години.
Добрата вест за оние што патуваат во Црното Море ова лето е дека Бугарија се искачила за три места и го зазема второто место со 98 проценти од нејзините води оценети како одлични.
На петтото место, зад Кипар, Бугарија, Грција и Австрија, е Хрватска.
Резултатите од извештајот на EEA за Албанија, сепак, покажуваат дека во оваа, инаку, една од новите туристички дестинации во Европа, се евидентирани најмалку дестинации со одлична вода, само 16 проценти, додека најголемиот број локации биле оценети како лоши, 23 проценти.
Загадувањето со пластика и микропластика дополнително ја влошува ситуацијата. Според извештајот на Меѓународната унија за зачувување на природата од 2020 година, Албанија, по Црна Гора и Македонија, имала трета највисока стапка на фрлање пластика во водата по глава на жител – три килограми годишно, пишува „Еуроњуз“, пренесува загрепски „Н1“.