Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска на брифинг со новинарите изјави дека седницата за разрешување на министерот за евроинтеграции, Орхан Муртезани, и изборот на новите министри, најверојатно ќе се одржи по завршувањето на седницата за Буџетот за 2026 година, поточно меѓу 15 и 18 декември. Сепак, тој не ја отфрли можноста тоа да се случи и порано.
Вчера, Владата ги предложи Муамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за европски прашања.
Гаши напомена дека неговиот план е пред оваа седница да се одржат опозициски прашања, со цел во Собранието да бидат присутни сите – и премиерот и сите министри. За утре е закажана 73-та пленарна седница, а за 9-ти декември е закажана 72-та седница на која ќе започне петдневната дебата за Буџетот за 2026 година.
На 9-ти декември е закажана и седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, по претставка на Здружението 16 март 2025 Кочани. На оваа седница се повикани родители и роднини на загинатите во трагедијата во Кочани.
Според Гаши, на вчерашната координација тој го замолил координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, да побара од Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија, да ја одложи седницата за друг ден. Целта на ова барање е да се овозможи на него, на премиерот Христијан Мицкоски и на сите други пратеници кои сакаат да присуствуваат, да го сторат тоа. Тој рече дека седницата на Анкетната комисија се совпаѓа со пленарната седница за Буџетот за 2026 година, што, како што вели претседателот на Собранието, граѓаните го очекуваат со нетрпение, а преклопувањето на термините ќе биде пречка за оние кои сакаат да присуствуваат.
На координацијата вчера Гаши побарал од координаторите на пратеничките групи и предлагачите на двете анкетни комисии поврзани со трагедијата во Кочани на СДСМ, Левица и ДУИ и другата на владејачкото мнозинство, со која се предлага да се разгледуваат освен Кочани и другите претходни трагедии со Модуларната болница, Дурмо турс и Ласкарци, да пробаат да се договорат за да има само една ваква комисија. “Составот на комисиите е ист”, вели тој, но се уште нема одговор од пратеничките групи за тоа прашање.
Во однос на реакциите во јавноста и дилемите дали сега паралелно со судскиот процес треба да има анкетна комисија за трагедијата во Кочани во Собранието, рече дека и тој има дилема дека може да има последици по судскиот процес, но дека дел од координаторите сметаат дека “нема да се мешаат во судскиот процес туку дека ќе се бара политичка одговорност.”
На вчерашната координација во Собранието станало збор и за Изборниот законик, за што Собранието ќе формира работна група, а Гаши вели дека ќе ја интензивира работата околу него. Од владиниот претставник министерот Љупчо Димовски бил информиран дека има финална верзија на Изборниот законик и оти ќе биде доставена до пратениците. На следната координација ќе се договори форматот на комисијата.
Во Собранието се очекува и предлогот на Владата за измени на Кривичниот законик, по сугестиите на Уставниот суд, но и реформските закони од правосудството.
Гаши добил известување од Зијадин Села дека Алијансата на Албанците во Собранието нема да биде дел од Европскиот фронт, како и дека пратеникот Илир Демири кој е од оваа партија ќе дејствува како независен пратеник.
На прашањето дали во Собранието има Бадентерово мнозинство по промените во албанскиот блок, Гаши вели дека не можел да каже, но и дека тоа не е негова работа.
Тој потсетува дека во минатото имало случаи кога за некои закони имало Бадентерово мнозинство, што покажува дека “доколку има политички договор може да се постигне.”