Регулаторна комисија за енергетика ги намали цените на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто, при што најголемо поевтинување има кај бензините, додека дизелот останува со непроменета цена.
Одлуката стапува на сила од 31 март од 00:01 часот, а како клучна мерка за амортизација на ценовните шокови на светските пазари, Комисијата го намали и трошокот за складирање од 1,70 на 1,20 денари по литар.
Согласно новата одлука, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 2,50 денари и ќе се продава по 84 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 3 денари и ќе чини 85,50 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ останува непроменета и изнесува 95,50 денари за литар.
Кај останатите деривати, екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 0,50 денари и ќе се продава по 92,50 денари за литар, додека мазутот поевтинува и ќе изнесува 50,410 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека движењата на светските пазари се различни – бензините бележат пад од речиси 3,8 отсто, додека дизелот и екстра лесното масло имаат раст, што директно се одразува врз домашните цени.
Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот е намален за 0,54 отсто, што дополнително влијае врз формирањето на цените.
Регулаторот нагласува дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците имаат можност да продаваат гориво и по пониски цени, оставајќи простор за дополнително намалување на малопродажните цени на пумпите.
