Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли поканата на рускиот претседател Владимир Путин за преговори во Москва и наместо тоа предложи рускиот лидер да дојде во Киев.
Тој го разјасни својот став во интервју за ABC News, пишува Правда.
„Тој може да дојде во Киев… Не можам да одам во Москва додека мојата земја е под руски напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. И Путин го разбира тоа“, рече Зеленски.
Потег за одложување на состанокот
Зеленски истакна дека го гледа предлогот на Путин како начин за одложување на самиот состанок. „Ако некој не сака да се сретне за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за другите“, истакна украинскиот претседател.
Да потсетиме дека Путин претходно јасно стави до знаење дека нема намера да патува никаде на разговори со Зеленски, но е отворен за средба во Москва. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, исто така, го нарече предлогот на Путин „неприфатлив“.