Најмногу тужби во јавното здравство има кај што е најниска продуктивноста. Ги повикуваме здравствените работници да се откажат од судските спорови, бидејќи така директно влијаат на одржливоста на нивните сопствени а установи, изјави директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција на која соопшти дека заклучно со декември 2025 има над 1.800 вработени кои водат судски спорови против сопствените здравствени установи.
Вкупно 1.822 вработени во јавните здравствени установи во државата поднеле тужби против своите работодавачи. Вкупниот износ на тужбените барања достигнува 134,6 милиони денари – околу 2,18 милиони евра. Тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи, повеќе од половина од сите во земјата.
Клековски појасни дека главниот повод за тужбите е неисплаќање на додатоци на плата – за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и на државни празници, бонус плата и јубилејни награди.
Највисок поединечен износ на тужбени барања имала Клиничка болница – Битола со 16,8 милиони денари, додека Општа болница – Куманово предничи по број на тужители со 317 вработени.
Тужбите претежно произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работни односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде значително повисок, голем дел од постапките сè уште не се завршени – подвлече Клековски.
Загрижувачки бил и трендот на нови тужби, само Здравствен дом – Кратово најавил околу 65 нови тужители во 2026 година, со проценета вредност на барањата од над 3,5 милиони денари.
Анализата на плати во јавниот здравствен сектор опфаќа 18.872 вработени во 12 типа на јавни здравствени установи за декември 2025 година.
Во 2025 година ние достигнавме скоро 19.000 вработени, што после пет години, односно по КОВИД-пандемијата, е прво зголемување на бројот на вработени во јавното здравство. 2024-та ја завршивме со 18.000 вработени. Значи, успеавме да го надоместиме бројот на заминати во пензија и откази и да вработиме специјализанти и дел од договорците. Верувам дека во 2026-та бројката ќе ја надмине 19.000, заради нашата посветеност да ги вработиме преостанатите договорци и новата група на специјализанти. За тоа издвојуваме околу милијарда и пол во плати, од кои во просек 25% се додатоци. Меѓутоа, тие 25% се од 10 до 40% во различни установи, што го отвора прашањето на наградување и мотивација на работното место и различните резултати што ги имаме во различни здравствени установи.
Тоа исто така треба да го поврземе со реализацијата на 32 милијарди буџет кој е наменет за јавното здравство, каде што во просек реализацијата е 63%. Што значи 63%? Дека од овие 32 милијарди, за 63% има фактурирано услуги, здравствени услуги. Таму има структурни проблеми, ќе се решаваат, меѓутоа сè е споредбено за сите и имаме големи разлики. Имаме центри за јавно здравје кои се со 100% ефикасност, имаме интернистички клиники на универзитетскиот центар – Клинички центар во Скопје кои се со 85% реализација, но, за жал, имаме општи болници, општи болници со проширена дејност и здравствени домови кои се со под 50% реализација. Морам да кажам дека во овие установи кои имаат помала реализација, заедно има повеќе вработени отколку на Клиничкиот центар во Скопје, изјави Клековски.
Тој се осврна на структурата на платите.
Просечната вкупна нето плата на ниво на сите јавни здравствени установи изнесувала 50.039 денари, наспроти просечната нето основна плата од 37.660 денари. Највисок удел на додатоци бележеле установите со непрекинат 24-часовен режим на работа.
Универзитетската клиника за државна кардиохирургија 40,66 отсто удел на додатоци. Клиничка болница – Штип 37,83 отсто. УИ за радиологија 37,67 отсто. ОБ со проширена дејност просечно 38,92 отсто. Спротивно, превентивните установи и поликлиниките бележат удел на додатоци под 15 отсто, поради работа исклучиво во редовно работно време без дежурства – информираше Клековски.
Тој сподели уште една новост во борбата со тужби.
Министерството за здравство веќе има формирано група – претставници на Министерството, Фондот и на двата репрезентативни синдикати на вработени во здравствениот сектор, да работат на појаснување на додатоците, со цел да не се соочуваме со тужби. Нашиот став е – тоа што следува треба да се исплаќа, ама да не се оставаат сиви зони за неетичко постапување – дециден беше Клековски.
Притоа беа посочени и препораките, приоритетна исплата на правосилни и спогодбени случаи за спречување акумулирање камати, системски преглед на исплата на додатоци во сите јавни здравствени установи превентивно, воведување централизиран регистар за следење на судски предмети, зајакнување на правните служби во установите со масовни тужби, социјален дијалог за подобрување на правната рамка.
