Едно од клучните прашања кое сè почесто се поставува во јавноста е: како живеат македонските граѓани во споредба со остатокот од Европа? За да се даде објективен одговор, потребно е да се погледнат главните економски индикатори што се однесуваат на животниот стандард, пишува поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.

Според податоците за 2024 година, номиналниот БДП по жител во Македонија изнесува околу 7.500–8.500 евра. За споредба, просекот на ЕУ е околу 40.000 евра, а најбогатите држави како Луксембург и Ирска надминуваат 90.000 евра по жител.
Доколку се земе предвид индикаторот „паритет на куповна моќ“ (PPP), прогнозите за 2025 година покажуваат дека се очекува Македонија да достигне околу 26.300 евра по жител. Тоа е подобро од Албанија (~20.800 евра), Босна и Херцеговина (~20.700 евра) и Косово (~16.300 евра), но сè уште пониско ниво од Србија (~28.200 евра) и Црна Гора (~30.700 евра).

Вистинската индивидуална потрошувачка (AIC) – индикатор кој ја мери реалната благосостојба на граѓаните и нивната способност да трошат на стоки и услуги (вклучувајќи образование, здравство и јавни услуги) – во Македонија изнесува само 49% од европскиот просек. Со тоа, земјата е на второ најниско ниво во Европа, веднаш пред Албанија.

Во април 2024 година, просечната нето-плата во Македонија изнесувала околу 1.020 евра (68.294 денари), што претставува околу две третини од европскиот просек.
Сепак, според податоците за декември 2024 година, минималните потреби за четиричлено семејство изнесувале околу 1.050 евра месечно (62.000 денари). Тоа значи дека дури и со просечна плата, голем дел од семејствата тешко ги покриваат основните трошоци – јасен показател дека просечната плата не го следи реалниот трошок на живот.

Речиси три и пол децении по независноста, Македонија сè уште не успеала да фати приклучок со европските стандарди. Првиот чекор кон промена е искрената дијагностика, заснована на реални податоци и факти.
Досегашниот економски модел очигледно не успева да обезбеди достоен живот за мнозинството граѓани. Приватниот сектор и капиталот остануваат концентрирани кај клиентилистички структури, кои наместо да создаваат нова вредност, ја држат економијата во заложништво и ја жртвуваат иднината на граѓаните.

За да се извлечеме од економското дно и да фатиме приклучок со останатите напредни нации, потребни се радикални промени, а не козметички корекции. Дел од решенијата вклучуваат:
• Редефинирање на економските политики и јасна визија – наместо опортунистички и дневнополитички потези, потребна е стратегија за долгорочен развој.
• Воведување стандарди за добро управување и реформа на администрацијата – институциите мора да ги водат луѓе со вистински квалификации и знаење, а не неквалификувани послушници и корумпирани кадри. Неопходно е намалување на бројот на институции, укинување на непотребни советнички позиции и рационализација на управни и надзорни одбори.
• Намалување на клиентелизмот и негативната селекција – бидејќи тие ја подриваат конкурентноста, го уништуваат квалитетот и неповратно го еродираат човечкиот капитал.
• Дигитализација и транспарентност на институциите, особено во делот на управување со јавните финансии – за намалување на злоупотребите и зајакнување на довербата. Со дигитализација се намалува субјективниот фактор, се ограничуваат злоупотребите, се стеснува просторот за сивата економија и нелојалната конкуренција.
• Беспоштедна борба против корупцијата – преку закон за потекло на имот, конфискација на нелегално стекнат капитал и воспоставување вистинска правна држава.
Излезот од економското дно не е лесен и не може да се постигне со половични мерки. Потребни се знаење, чесност, посветена работа и решителна борба со корупцијата и неправдата. Само со градење општество на еднакви можности може да се обезбеди пристоен живот за граѓаните и долгорочна стабилност, заклучува Миноски: