Кинеската компанија „Поп Март“, производител на популарните кукли „Лабубу“, објави извонредни деловни резултати.
Во првата половина од 2025 година, нето добивката на компанијата се зголеми за дури 396,5 проценти во споредба со претходната година, додека приходите забележаа скок од 204,4 проценти.
Овој успех доведе до зголемување на акциите на „Поп Март“ за повеќе од 200 проценти од почетокот на годината. Пазарната вредност на компанијата сега е поголема од традиционалните гиганти во индустријата за играчки, како што се „Мател“, производителот на куклите „Барби“, и јапонскиот „Санрио“, сопственик на брендот „Хело Кити“.
Популарноста на куклите „Лабубу“ дополнително се зголеми со поддршката од познати личности, вклучувајќи ја поп-пејачката Ријана, поранешниот фудбалер Дејвид Бекам и пејачката Лиза од јужнокорејската група „Блекпинк“. Продажбата на куклите „Лабубу“ генерираше 4,81 милијарди јуани (околу 575 милиони евра) во првата половина од 2025 година, што претставува 34,7 проценти од вкупните приходи на „Поп Март“. Компанијата вели дека куклите се распродадени низ целиот свет, а извршниот директор Ванг Нинг објави дека продажбата ќе надмине 10 милиони единици дневно од септември.