Политичката партија Левица упати остри критики до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, обвинувајќи го за ароганција и координирани напади врз сопствениот народ. Според партијата, наместо социјален дијалог и решенија, власта на ДПМНЕ одговорила со јавна дискредитација на земјоделците и сточарите кои преку протести ги бараат своите загарантирани права.
Од Левица тврдат дека министерот организира партиски средби исполнети со послушници, но кога ќе се соочи со „вистинските маки на терен“, тој прибегнува кон оцрнување на сите кои поставуваат непријатни прашања за неисполнетите ветувања.
„Дека овој министер и оваа влада се целосно без компас, потврдува фактот што по повеќе од еден месец од економската криза, сè уште нема ниту една мерка за стабилизација на цените на храната, ниту пак е обезбедена ветената ‘зелена нафта’ за земјоделците. Трипуновски приредува ‘ток-шоуа’ за да му се додвори на Мицкоски пред најавената реконструкција на владата, додека земјоделието тоне“, се вели во соопштението.
Партијата нагласува дека како заштитник на работничката класа и земјоделците, повеќе нема да толерира игнорантски однос кон секторот кој е најмногу погоден од ценовните шокови. Левица јасно го повтори своето барање за итна оставка на министерот Трипуновски и побара од Владата итно усвојување на антикризни мерки кои ќе значат директна финансиска и енергетска поддршка за домашното производство на храна.
