Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави синоќешната акција на МВР во која беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кадар именуван на оваа функција во јуни 2024 година.
Одговарајќи на новинарско прашање запрашан за коментар околу ова апсење, членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, потенцираше дека законот мора да важи подеднакво за сите, без разлика на партиската припадност.
„Ова е определбата на Владата за борбата против криминалот и корупцијата на дело. Секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали од СДС од ВМРО-ДПМНЕ, или било која друга политичка партија, треба да одговара. Сите мора да бидат еднакви спрема законот“, дециден беше Манасиевски.
Тој јавно ја поддржа работата на полицијата, испраќајќи порака дека „со законот нема играње“, но истовремено упати и остри критики кон опозицијата.
„Дополнително, ние не очекуваме ова да го разберат колегите од СДС затоа што тие се уште една иста криминална банда којашто сака да дојде на власт само за повеќе да краде“, изјави Манасиевски.