„Денешната седница на Економско-социјалниот совет ја потврдува нашата заедничка определба – клучните економски и социјални прашања да ги решаваме преку дијалог, партнерство и заемна одговорност. Овој Совет не е формалност, туку темел на социјалната кохезија и стабилност во државата, место каде што интересите на работниците, работодавачите и Владата се среќаваат со цел да се изгради одржлива и правична економија“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Македонија.
Мицкоски истакна дека целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.
„Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.