Етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече вниманието во јавноста и да се добијат гласови. Оваа препорака му ја упати премиерот Христијан Мицкоски на актуелниот градоначалник на Општина Тетово и претендент за нов мандат, Биљал Касами. Препораката од Мицкоски следува откако Касами претходно повика жителите на Општина Брвеница да дадат поддршка на кандидатот на ВЛЕН, а не на тој од нивниот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја слушнав таа изјава на Биљал Касами и можам да кажам дека за жал влегува во фолклорот на опозициската ДУИ, без потреба. Моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста и да се добијат гласови туку треба да зборува во Тетово за проектите што заедно со поддршка од Владата се направени за сите и за Македонци, Албанци, Турци, Срби“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Според премиерот, кандидатот на коалицијата ВЛЕН треба да зборува за проекти што ќе ги направи за жителите на Брвеница, а не да се гласа според тоа дали е некој Македонец или е Албанец.
„Тоа е политика на минатиот век и јас мислам дека таа политика не му носи предност на никому“, рече Мицкоски додавајќи оти е сигурен дека нивниот кандидат Јован Илиевски ја има поддршката од сите етнички заедници и ќе биде по втор пат градоначалник овде во Брвеница.
Инаку, коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Брвеница го кандидира директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани.