Мицкоски: Со Косово потпишуваме меморандуми за соработка во три области

Денеска во Приштина ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу Владата на Македонија и Владата на Косово, кадешто по завршувањето ќе се потпишат протоколи и меморандуми за соработка во три области, објави претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

„Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини, каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Македонија и Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука“, објави Мицкоски.

Сподели ја оваа статија