Отворањето на нова трафостаница „ТС Централна“ во Скопје е инвестиција од приближно 22 милиони евра, со која значително ќе се подобри стабилноста на електроенергетскиот систем и мрежата на 110 киловолтно напонско ниво.

Оваа инвестиција ќе ја зголеми надежноста и ќе отвори перспектива во наредните околу 20 години успешно да се одговори на сите енергетски предизвици, вклучително и обезбедување нови приклучни места неопходни за развојот на Градот Скопје, изјави премиерот Христијан Мицкоски.



Сакам да изразам благодарност до колегите од Владата, до Министерството за транспорт, Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, како и до ЕВН како компанија која инвестира во Македонија. Благодарност и до сите што беа дел од реализацијата на овој значаен проект.

Да посакаме уште многу инвестиции во енергетиката кои ќе создаваат додадена вредност, ќе обезбедат поголема стабилност на системот и ќе овозможат зголемен капацитет за интеграција на нови производни капацитети. Имајќи ги предвид растечките потреби во годините што следат, нашата цел е јасна, да ја позиционираме земјата како енергетски хаб во регионот, изјави премиерот Мицкоски.







