Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, попладнево ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе претставува можност за демонстрирање и потврда на силата на стратешкиот однос меѓу Унијата и регионот и придобивките што тој ги носи за граѓаните.
На Самитот, со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, покрај премиерот Мицкоски, ќе учествуваат и лидерите на останатите пет земји кандидати или аспиранти за членство во Унијата од Западниот Балкан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Главни теми на собирот ќе бидат стратешко партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, постепената интеграција во Унијата и Планот за раст на регионот, како и надворешните работи, безбедноста и одбраната.
Како што најави Советот на ЕУ, предвидено е на крајот од Самитот да биде објавена декларација и од партнерите од Западниот Балкан се очекува да се усогласат со неа.