Ескалацијата на војната на Блискиот Исток и нарушувањето на транспортот низ Ормускиот теснец создадоа еден од најголемите енергетски шокови во последните години. Во момент кога глобалната економија сè уште се обидува да закрепне од инфлаторниот бран по пандемијата и енергетската криза по војната во Украина, новиот геополитички ризик повторно ги турка цените на енергијата нагоре.
Како што пишува New York Times, финансиските пазари реагирале речиси моментално на вестите за нападите врз танкери и ограничувањата на пловидбата низ Ормускиот теснец, бидејќи инвеститорите стравуваат од сериозни прекини во глобалното снабдување со нафта. Според американската Администрација за енергетски информации (EIA), преку овој теснец секој ден минуваат околу 20 милиони барели нафта – приближно една петтина од светската потрошувачка.
Токму затоа дури и делумно нарушување на транспортот низ оваа рута има потенцијал да создаде силен шок на глобалниот пазар на енергија.