Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Најпoзната „точкарница“ се наоѓа на Бит Пазар веќе 65 години
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > МАКЕДОНИЈА > Најпoзната „точкарница“ се наоѓа на Бит Пазар веќе 65 години
МАКЕДОНИЈА

Најпoзната „точкарница“ се наоѓа на Бит Пазар веќе 65 години

Објавено August 22, 2025 09:29
Сподели
Сподели

„Ееееј, застани, диши гумава. Можеби е дупната. Ај ‘докај’ точкарот“. Оваа реченица, па и ситуација, многу добро им е позната на оние што речиси секој ден возат велосипед. Се откачил ланецот, не фаќа добро задната кочница, искривен е браникот или бандашот, „зеза“ светлото и уште куп „зафрканции“. Но, секогаш и буквално во секое време тука е чичко Реџеп Џахид. На Бит Пазар. Рацете постојано црни, со „уље“, замастени, а тој насмеан, расположен. Доаѓаш, не те прашува што е проблемот. Само погледнува и веднаш се фаќа за работа.

Работилницата „Младост“ постои од 1960 година. Како што ни раскажа чичко Реџеп, прво била лоцирана спроти култниот дуќан „26 Јули“, а од 1965 година се наоѓа „карши“ поликлиниката. До денес е таму. Кога и да поминете ќе забележите најмалку десетина велосипеди што „чекаат“ поправка, но и муштерии – еден за да помуабети, друг за да испие чај со мајсторот, трет од љубопитност. 

Нема некој што не го знае Џахид. Кај него доаѓаат скопјани од скоро сите населби – Ѓорче, Железара, Центар, Маџари, Драчево,… Човекот е еснаф, еден од ретките во градот, а работи, како што вели, со ќеиф и мерак.

-Работам тука од дете, од 1963 година, веднаш по земјотресот. Цели 62 години. Мислам дека сум останат само јас од старите точкари. Можеби има уште некој, не знам, но сигурно сме многу малку. И во Влае имаше стар „точкар“, другите знам дека починаа. Инаку, дуќанот е тука од 1965 година. Порано, од 1960 година, бевме спроти „26 Јули“. Работам од ќеиф и за 62 години никогаш не ми здосадила работата. Наместо да седам по чајџилници, седам тука, работам. Едноставно сум таков. И кога сум болен, доаѓам во дуќанов, си работам. За тоа како се станува добар еснаф нема некоја тајна – со душа да работиш, не само пари да земаш. Луѓето кога доѓаат кај мене не прашуваат „колку чини ова“, туку веднаш велат „направи го“ и кажуваат што мака имаат со велосипедот. На друго место кога одат, обратно е, прво прашуваат колку чини па размислуваат дали да го остават „точакот“. Ние не сме како некои – од еден велосипед дневница да извадиме. Брзи сме, евтини и многу чесни. Кај нас дури и не се постигнува, постојано доаѓаат луѓе и ги оставаат велосипедите, еден куп има пред дуќанот. Гледаме што побрзо да ги направиме „точаците“, вели мајсторот.

Додава и дека речиси сите го знаат. Засега со него е внук му Рамуш Рамичи кој го продолжува занаетот. Сите фамилијарно се „точкари“.

-Луѓето ме знаат од тука до Германија, до Швајцарија. И во цела Македонија ме знаат. Кај и да одам, слушам – „кај си бе мајсторе“. Слободно можам да кажам дека никогаш никого не сме одбиле. Со секого правиме муабет, луѓето кај нас си седнуваат, пијат чај, разговараат. Луѓе од Ѓорче, Железара, Центар, Маџари, Драчево,… доаѓаат и пешки. Инаку, првиот дуќан, спроти „26 Јули“, беше на внук ми, но тој почина. Потоа го презема зет ми, па другиот внук. Сите фамилијарно сме точкари. Имавме работилница и на „Јаја Паша“, сега имаме уште еден дуќан во Чаир. Тука со мене е внук ми Рамуш. Тој сигурно ќе го наследи занаетот. За понатаму ќе видиме. Интерес кај младите многу нема, полесно им е да играат на мобилните телефони. Порано десет „души“ ќе дојдеа после школо да молат да работат, но сега веќе никој нема. Не сакаат да се „замараат“. Ова е и „прљава“’ работа, рацете постојано ти се црни, маслосани. Полесно им е да си играат со телефоните. Пред три години имав едно дете, чираче, за три месеци го научив како да работи. На почеток само „штракаше“ на телефонот, седнат во ќошот. Требаше постојано да му викам – „кај си бе, дојди ваму“. Не бива така, а наводно, сака да учи. Па како да го учам – „остави го телефонот“, му велев, „дојди, гледај, заинтересирај се“, раскажува Џахид.

Како „точкари“ – занаетчии, поддршка од државата досега не користеле, но немале и никакви проблеми.

-Досега не сме имале поддршка од државата, но не сме имале ниту некаков притисок или проблеми. Секогаш сме биле „раат“. На пример, одлуката за „недела неработен ден“ на почеток сосема ја почитувавме. Сега доаѓаме и во недела, до 13.00 часот работиме, но никој не ни направил проблем. Ама повторно ќе кажам, не работиме за пари колку што работиме од ќеиф, со мерак, подвлекува чичко Реџеп.

За сегашните велосипеди, особено оние што се продаваат по маркетите, смета дека „пет пари не вредат“.

-Денес има секакви видови велосипеди, пазарот е преплавен со најразлични „марки“, но квалитетот е дискутабилен. Често велосипеди се продаваат и по маркетите, за 5 000 – 6 000 денари ама кога ќе ги донесат кај мене, само што купени, им велам „кај ја најде кантава“ – зашто траат една или максимум две години, како да се за еднократна употреба. Веднаш се расипуваат, се нешто им фали. Поранешните „точаци“, во Југославија, ќе ги возиш по 50, па и 100 години и пак ништо не им е. Многу има разлика. Еве, сега, надворешните гуми се „расипуваат“ за два – три месеца, максимум траат две – три години. Тоа порано не можеше да се случи. Гумите траеја по 20 години, си заборавил кога си ставил нова гума, иако и така не чини – да возиш со стари гуми, но квалитетни беа многу. Луѓето денес бараат и купуваат што поевтино зашто немаме стандард, но тоа потоа се одразува врз квалитетот. Гуми има и за 50 денари и највеќе такви купуваат, но има и за 500 денари, далеку поквалитетни. Исто така, ист „точак“ да купите тука и во Германија не е воопшто исто. Таму се многу поквалитетни, истакнува Џахид. 

Внук му, Рамуш, кому Реџеп му е вујко, во работилницата „Младост“ е од 1985 – 1986 година. Кога го правевме разговорот, носеше маица со интересен натпис: „Бидејќи нинџите се презафатени“, што несакајќи и непланирано, сосема се вклопи во приказната.

-Тука сум скоро 40 години. И јас како вујко ми, работам од ќеиф. Обично сум овде по осум до десет часа. Семејството, важно, можам да го прехранам. Од децата мислам дека никој нема да ме наследи. Младиве не ги интересира занаетов. Едни се повеќе свртени кон школото, сакаат да учат, сакаат друга професија, а други цело време со телефоните. После мене не знам кој ќе дојде. Не се знае, искрено кажува Рамичи.

Не само велосипеди „за возрасни“, туку во „Младост“ се поправаат и „точачиња“ за деца, но и тротинети. Се нуди речиси секаков вид „точкарски“ сервис.

Муштеријата Асип Битиќи се пожали дека во Скопје има многу малку „точкари“, посебно, како што рече, еснафи како Рамуш и Реџеп. За двајцата мајстори имаше само пофални зборови.

-Навистина малку ги има, на прсти се бројат добрите „точкари“ во Скопје. Тука постојано го носам велосипедот зашто Рамуш и Реџеп се евтини, брзи и квалитетни. Ги знае цело Скопје. Понекогаш дневно им доаѓаат и по 30 муштерии, истакна Битиќи.

Џахид и Рамичи зборуваат македонски, албански и турски јазик. За нив сите луѓе се исти, независно на која заедница и припаѓаат. Иако е мал интересот за занаетот што го негуваат, оптимисти се дека „точкарлукот“ во главниот град нема да изумре.

Фото МИА

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Боки 13 му се закани на Стефан Лазаров дека ќе го „исели“ од Македонија (ВИДЕО)
Следна Статија На листата на најдобрите печива во светот има и специјалитет од Македонија (ФОТО)

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МАКЕДОНИЈА

Сиљановска Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен и значи непочитување и непризнавање

Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано,…

January 9, 2025
МАКЕДОНИЈА

Професор Давитковски: Истрагата за трагедијата во Кочани дава надеж дека ќе се откријат вистинските виновници

Темелната истрага со обезбедени доказни материјали од инспекторатите, министерставата и општината, дава надеж дека јавноста за кратко ќе ја дознае…

March 19, 2025
МАКЕДОНИЈА

Јавноста ќе слушне како се издавале лиценци за одгледување канабис, очигледно е дека дел завршува на нелегалниот пазар

Имаме и разработуваме план и многу бргу денеска ќе се спроведе, а јавноста ќе биде сведок на многу работи, ќе…

July 3, 2025
МАКЕДОНИЈА

Тошковски: Ќе одговориме жестоко и сурово на било какви обиди за дестабилизација на Македонија

На денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошовски истакна дека во текот на вчерашниот ден се случиле настани кои…

November 29, 2024
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?