Како претставник на политички подмладок, Унијата на млади сили е директно вклучена во креирањето и носењето на сите политики, истакна Бојан Никовски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во емисијата „Директно“ на Телма телевизија.
Никовски се осврна на резултатите од досегашните политики на СДСМ, нагласувајќи дека тие се јасно видливи како кај младите, така и во целокупното општество, и дека истите ја довеле партијата до историски најнизок резултат.
-Резултатите од политиките на СДС, и во однос на младите и во однос на целата држава, се видоа на овие избори. Видовме колкава поддршка добија тие таканаречени успешни политики, што резултираше со историски најнизок резултат за партијата, рече Никовски.
Според Никовски, преку грантови за младинско претприемништво, финансиска поддршка за купување сопствен дом, позитивни демографски мерки, привлекување странски директни инвестиции и спроведување економски реформи, може да се создадат реални услови младите да останат и да успеат во државата.