Попладнево во Кочани нов „Марш на ангелите“, на семејствата и роднините на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
– Ова не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој „број“ стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока – за нашите деца, за вистинска правда, за Македонија со совест, велат родителите. Потенцираат дека сакаат да покажат дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината.
На 19-ти ноември во судницата во затворот Идризово почнува судскиот процес за трагедијата во Кочани. На обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, кои ќе одговараат за тешки дела против општата сигурност. Во пожарот на 16-ти март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.