Судија во Апелацискиот суд во Тирана вчера беше ладнокрвно убиен во судница со неколку истрели од огнено оружје. Убиството се случи вчера попладне, околу 15:40 часот, додека изрекувал пресуда во имотно-правен спор.
Според албанските медиуми, на судијата Астрит Калаја во срце му пукал 30-годишниот Елвис Шкамби, еден од учесниците во процесот, кој бил странка во судскиот спор. Тие објавија фотографија од убиецот.
Албанските медиуми, според првичните информации, пишуваат дека Шкамби не бил запрен од обезбедувањето на влезот во судот и вооружен влегол во судница.
По објавување на пресудата, која според сторителот била во корист на другата страна, убиецот го извадил пиштолот и пукал директно во судијата.
Веднаш потоа, тој испукал куршуми и кон Ракип и Елвис Куртај, татко и син, кои пред судот ја застапувале другата страна. Двајцата се здобиле со повреди и се во болница, но се надвор од животна опасност.
Полицијата веднаш го упасила Шкамби кој го признал делото.