Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска преку социјалните мрежи сподели дека според ветувањето на Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, објавен е јавниот повик од Владата за доделување ваучери во вредност од 15.300 денари за набавка на електронски уреди: преносен компјутер (лаптоп или All-in-One), таблет или персонален компјутер.
Право на аплицирање имаат сите студенти на прв циклус студии кои се државјани на Република Македонија, запишани (редовно или вонредно) во учебната 2025/2026 година на државни или приватни високообразовни установи во земјата и кои не се постари од 29 години на денот на објавување на повикот.
Апликации се поднесуваат електронски преку порталот uslugi.gov.mk до 20 декември 2025 и/или до исцрпување на ваучерите.
Андоновски информираше дека ќе бидат доделени вкупно 55.000 вакви ваучери.