Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Падна „Талир 2“, политички монтираниот случај против ВМРО-ДПМНЕ
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > Blog > Падна „Талир 2“, политички монтираниот случај против ВМРО-ДПМНЕ
Blog

Падна „Талир 2“, политички монтираниот случај против ВМРО-ДПМНЕ

Објавено July 14, 2026 14:11
Сподели
Сподели

Основниот кривичен суд Скопје, денеска, на јавна рочиште во присуство на сите заинтересирани медиуми и невладините организации, ја објави пресудата за предметот со К.бр. 297/24, во јавноста познат како „Талир 1“ со која за обвинетиот Н.Г. донесе ослободителна пресуда за кривичните дела кои му се ставаат на товар. Заради транспарентно и прецизно информирање на јавноста, судот во прилог објавува дел од изреката на пресудата, причините за донесената одлука и хронологија на предметот

Кривичниот предмет, во јавноста познат како “Талир 2”, со изменетото обвинение, (согласно Законот за изменување и дополнување на КЗ (Сл.в.бр.188/23), се водеше за кривично дело-Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в со ст.4  в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 в.в. со чл.45 од Кривичниот Законик, против обвинетиот Н.Г., а против К.Б., за кој кривичната постапка е запрена поради апсолутна застареност на кривичното дело.

Со Законот за изменување и дополнување на КЗ, објавен во Сл.в.бр.188/23, беше извршена промена во инкриминираните дејствија, кои го содржат битието на предметното кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, според кој, “искористувањето” како дејствие на извршување беше декриминализирано, а како последица на тоа беше извршена и измена на обвинението, па така “искористувањето” беше заменето со “пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност” како дејствија  на сторување на делото, а покрај тоа беше вметната и “намерата” како посебен субјективен елемент на делото. И покрај ваквите наизглед минорни измени, кои се состојат во само 2 елементи на битието на делото, сепак истите од правно-релевантен аспект суштински го менуваат обвинението. Меѓутоа, обвинението сепак остана да се заснова на истите докази, од кои беа утврдувани фактите како и при претходно поставената изрека на обвинението, а останаа и истите заклучоци и истата теорија на обвинението, сублимирани на ист начин и во завршните зборови на застапникот на обвинението.

Со оглед на изменетиот опис на битието на кривичното дело, а последователно на тоа измена и на изреката на обвинението, во услови кога нема промена ниту на доказите, ниту пак на фактите, а со тоа и на заклучоците кои произлегуваат од вака понудените докази, судот, по слободно  судиско убедување, оцени дека застапникот на обвинението не докажа надвор од разумно сомнение дека обвинетиот Н.Г. го сторил кривичното дело –Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 в.в. со чл.45 од КЗ.

Заради појаснување за пошироката јавност, со оглед дека судот пресудите ги донесува во името на граѓаните на оваа држава, па од тука произлегува и должноста на судот максимално да го почитува начелото на јавност на постапката и транспарентноста при донесување на одлуките, судот ќе даде појаснување за клучните факти од кои се раководеше при донесување на ваквата одлука.

Судот ќе истакне дека во целост го прифаќа искажаниот став на жалбениот суд, поточно на АСС, кој е цитиран во повеќе второстепени одлуки, а тоа е дека – Ваквата состојба на работите е директна последица на измените на материјалниот закон, во корист на обвинетиот, поточно станува збор за Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (Сл.весник на РСМ  бр.188/23 од 07.09.2023 година), кој стапи на сила на 15.09.2023 година Решението  КЖ бр.232/23 од 26.01.2024 година, туку и во повеќе други одлуки, како што е Решението КЖ бр.138/24 од 25.03.2025 година и многу други). Судот дава појаснување за пошироката јавност дека, во услови на правосилно оценет обвинителен акт со релевантна листа на докази од страна на Советот за оценка на обвинителен акт при овој суд, по измена на битието на делото, застапникот на обвинението, согласно позитивните законски прописи, нема можност по укинување на првостепената пресуда, да ја врати постапката во поранешна фаза, односно во фаза на претходна постапка и да спроведува нова истрага, како и да прибира нови докази, со цел да го поткрепи своето обвинение со факти, кои би произлегле од тие докази и кои би биле во согласност со битието на кривичното дело, кое во меѓувреме по донесување на првостепената пресуда беше изменето. Судот исто така потенцира дека застапникот на обвинението, иако согласно член 393 став 1 од ЗКП, може на главната расправа да го измени обвинението ако оцени дека изведените докази укажуваат дека се променила фактичката состојба изнесена во обвинението, меѓутоа во конкретниов случај измената на обвинението не е резултат на променетата фактичка состојба, туку исклучиво поради измените на КЗ. Факт е дека, во конкретниов случај застапникот на обвинението изврши измена на обвинението, усогласувајки ја неговата изрека со изменетото битие на кривичното дело, меѓутоа од друга страна пак доказите останаа непроменети. Токму врз основа на овие исти докази, овој суд еднаш донесе осудителна пресуда за сега обвинетиот Н.Г. и за Кирил Божиновски, а на кои како дејствие на извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување,  им се ставаше на товар дека го сториле со искористување на службената положба и овластување, кое според важечкиот КЗ, во време на донесување на пресудата беше еден од трите облици на сторување на предметното кривично дело. Меѓутоа, со изменетата изрека на обвинението, усогласено согласно измените на КЗ од 2023 година, сега обвинетиот Н.Г. се терети дека ова кривично дело го сторил со пречекорување на границите на своите службени овластувања и не ја извршил својата службена должност, а со намера за правното лице -политичката партија ВМРО ДПМНЕ да биде прибавена  противправна имотна корист. 

Факт е дека ваквиот изменет опис на обвинението е во согласност со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (Сл.весник на РСМ  бр.188/23 од 07.09.2023 година), кој стапи на сила на 15.09.2023 година, а кој беше донесен во меѓувреме, односно по донесување на сега веќе укинатата првостепена пресуда, а покрај тоа вака изменетото обвинение е во согласност и со напатсвијата на Апелациониот суд Скопје, содржани во решението КЖ бр.232/23 од 26.01.2024 година. Меѓутоа, суштинско е прашањето, дали ако судот еднаш веќе оценил дека од изведените докази се утврдило дека делото било извршено со искористување на службената положба и овластување и затоа донесе и осудителна одлука како во изреката на пресудата на овој суд К.бр.1413/19 од 08.06.2022 година, судот врз основа на истите тие докази, дали може сега да утврди постоење на поинакви факти, односно дека делото не било сторено со искористување, туку со пречекорување на гра­ни­ци­те на служ­бе­ното ов­ла­сту­ва­ње и со не­из­вр­шу­ва­ње на служ­бе­ната долж­ност и тоа, само затоа што во меѓувреме настанала промена во описот на битието на делото, а со тоа и искористувањето на службената положба, како начин на сторување на делото веќе е декриминализирано.

Со предметното обвинение како начин на сторување на делото од страна на сега обвинетиот Н.Г. и К.Б. се наведува дека презеле службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања и не ја извршиле својата службена должност, со тоа што презеле низа активности кои довеле до склучување на Договорот за пренесување на правото на градба помеѓу правното лице-политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и ДГ Бетон АД Скопје и Договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу правното лице партија ВМРО-ДПМНЕ и ДГ Бетон АД Скопје, а кои дејствија се спротивни на законските ограничувања предвидени во член 15, член 19 став 2 и член 20 став 1 од Законот за финансирање на политички партии и спротивно на правилата предвидени во член 43, 44 и 45 од Законот за облигациони односи.

Меѓутоа, битна и суштинска е разликата помеѓу овластувања и ограничувања, па иако во изменетото обвинение на почетокот се тврди дека делото меѓу другото е сторено и со пречекорување на овластувањата, како што налага и законскиот текст, понатаму при описот на конкретните дејствија се наведува дека всушност станува збор за пречекорување на ограничувањата предвидени во Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи, а кое што не е согласно законскиот опис на делото.

Од друга страна пак, пречекорувањето како облик на извршување на предметното кривично дело подразбира преземање на активности од страна на службеното лице, кои се надвор од неговите службени овластувања, односно кога сторителот излегол надвор од она што била негова недлежност.

Според цитираните законски одредби, произлегува дека не станува збор за активности кои имале законска основа и дека со инкриминираните дејствија, за кои се терети обвинетиот НГ, дека само се пречекорени законските овластувања. Напротив, како што беше и претходно утврдено од страна на овој суд во веќе укинатата пресуда, а како што тоа го потенцираше и застапникот на обвинението во својот завршен збор е дека, ваквите дејствија воопшто немале законска основа.  Во овој контекст се наводите и на самиот застапник на обвинението во завршниот збор, дека обвинетиот Никола Груевски и Кирил Божиновски како одговорни лица во политичката партија ВМРО ДПМНЕ, не смееле да склучуваат договори наменети исклучиво за стекнување имот и имотна корист, со правно лице кое во тој период било во подредена положба и за кое постоеле јасни законски пречки, пред се во чл. 20 ст.1 алинеја 6 од Законот за финансисрање на политичките партии, а особено во услови кога постоела енормна диспропорција и несразмерност во давањата и примањата.

Според тоа, судот цени дека не се докажа дека станува збор за пречекорување на некакво овластување од страна на сега обвинетиот Н.Г., во услови кога такво овластување воошто и не постоело, како што впрочем тврди и самиот застапник на обвинението. Ова дотолку повеќе што и во обвинението не се цитирани бланкетни норми, кои пропишуваат некакво овластување, кое евентуално би било пречекорено, како што тоа го налага законскиот текст кај овој облик на сторување на делото, туку напротив цитирани се бланкетни норми, за кои се тврди дека обвинетиот ги пречекорил ограничувањата од истите, а во обвинението пречекорувањето на овластувањето се поистоветува со пречекорување на ограничувањата. Од друга страна пак, во прилог на изменетото обвинение, не беа понудени, ниту пак беа изведени докази во поглед на утврдување на намерата, како посебен субјективен елемент на делото и покрај тоа што истата беше вметната во изменетата изрека на обвинението, а со цел да се усогласи со изменетото битие на кривичното дело. Ова се само дел од причините, поради кои судот цени дека застапникот на обвинението не докажа надвор од разумно сомнение дека обвинетиот го сторил предметното кривично дело за кое се терети, а детална елаборација и на останатите причини поради кои е донесена ваквата одлука од страна на судот, ќе следува во писмениот отправок на пресудата, против која странките имаат право на жалба до повисокиот суд. 

Во оваа прилика, судот ќе истакне дека, со секоја пресуда се испраќа одредена порака до поблиската и пошироката јавност.

Во конкретниов случај, пораката е следна:

Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на кој што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира и Апелациониот суд Скопје во својата одлука.

Судот ќе истакне дека и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниов предмет, сепак анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети, така што при постоење на истите докази, врз основа на кои судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со искористување на службената положба и овластување, цени дека при постоење на истите тие докази, не се докажа надвор од разумно сомнение дека делото е сторено со друг вид на дејствија, односно со пречекорување на овластувањата и со неизвршување на службената должност.

И како последно, но и од најбитно значење за пошироката јавност е дека, СУДОТ останува КОНЗИСТЕНТЕН ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО, во анализата и оценката на доказите, како и фактите кои произлегуваат од истите, на кои исклучиво ги темели своите одлуки, бидејки само на тој начин може да се гарантира правото на правна сигурност на граѓаните, во чие име судот ги донесува пресудите.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Сашо Клековски седна на министерската фотелја
Следна Статија Ослободителна пресуда за Никола Груевски за случајот „Талир 2“

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Blog

Есенски прогнози на Виенскиот институт: Македонија со раст на БДП од три отсто

Според новата есенска прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Македонија во периодот 2025 – 2027 година ќе забележи…

October 23, 2025
Blog

Мекдоналдс претрпе најголем пад во продажбата од пандемијата

Мекдоналдс претрпе најголем пад во продажбата, кој во САД е најсилен од врвот на Ковид-19. Падот, за кој компанијата соопшти…

May 2, 2025
Blog

Алармантно: „Вака не било во Германија од 2011 година“

Минатата година, 196.100 компании исчезнаа во Германија, што е за 16 проценти повеќе отколку во 2023 година. Ова е највисок…

May 22, 2025
Blog

Марк Цукерберг: Мета ќе инвестира до 65 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција

Извршниот директор Марк Закерберг денеска објави дека Мета планира да инвестира околу 60 до 65 милијарди долари во капитални инвестиции…

January 24, 2025
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?