Само 10% од жените биле опфатени со скрининг на рак на грло на матка. Иако болеста може да се спречи, во земјава годишно заболуваат околу 200 жени, а 40 ја губат битката со болеста.
Државата не двои доволно пари за превенција, алармираат од граѓанските организации, од каде велат дека буџетот за превентивни програми со години стагнира.
– Анализите и искуствата од терен покажуваат дека превентивната здравствена заштита не е приоритет во здравствените политики. Буџетот за превентивни програми со години стагнира. Затоа ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи.
Освен превенцијата, државата проблем има и со обезбедувањето на навремена терапија за онколошките пациенти…Од фондот за здравствено осигурување тврдат дека работат на тоа да не се јавува недостиг од лекови.
„Се прават анализи и во онкологија и во фондот, при крај е деталната анализа, можам да кажам дека ќе ги пребродиме евентуалните проблеми, со тоа што укажавме на сите установ каде што се третира ракот дека крајно време е да се обнова водичите за лекување на рак, не се обновени од 2008 година, за да видиме каква е ефикасноста на терапијата“, кажа Сашо Клековски – Директор на ФЗОМ
Според податоците на Институтот за јавно здравје, канцерот на белите дробови е меѓу водечките причини за смрт во Македонија. Како ризик фактори за малигните заболувања се наведуваат загадениот воздух, пушењето, прекумерната дебелина, алкохолот, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според лекарите уште посериозен здравствен проблем претставува и тоа што во најголем дел од случаите ракот се отркива во напредната фаза.