Денешните сложени безбедносни околности бараат будност и подготвеност. Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на целиот регион, нагласија на заедничката прес-конференција претседателката Гордана Сиљановска Давкова и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава.
-Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамки на НАТО да се надминуваат разликите, или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кое е втемелено НАТО, потенцира претседателката Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ, и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан со оглед на актуелните предизвици.
Марк Руте подвлече дека Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата.
–Македонија дава повеќе од 2 проценти за одбраната од својот БДП, ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне до 5 проценти како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО, сакам да ја поздравам поддршката на Македонија за Украина, рече Руте.
Тој истакна дека мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност и Македонија игра значајна улога во заштитатат на безбедноста на Западен Балкан.