Собранието на Македонија во среда, на 18 март, ќе одржи седница на која треба да се гласа за избор на нов државен јавен обвинител. Владата го предложи Ненад Савески, судија во Основниот кривичен суд Скопје, а за негов избор потребни се најмалку 61 глас од пратениците.
Савески е судија од 2016 година во одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд во Скопје. Претходно работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а кариерата ја започнал во Основниот суд во Гостивар.
Тој е магистер по казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – УКИМ во Скопје и има учествувано во повеќе експертски проекти на ОБСЕ, Советот на Европа и УСАИД.
На огласот за државен јавен обвинител се пријавија пет кандидати, меѓу кои и актуелната в.д. обвинителка Анита Тополова‑Исајловска и обвинителката Ленче Ристовска. Позицијата остана испразнета откако поранешниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка во декември минатата година.