Крушево го добива својот најсладок кандидат за градоначалник – Нико Чонески, сопственик на легендарниот локум „Тагас Балкан“, бренд со повеќе од 120 години историја и традиција.
Локумот „Тагас Балкан“ одамна е многу повеќе од слаткарски производ – тој е симбол на Крушево, дел од секојдневните семејни моменти, празници и културни настани. Генерации граѓани и посетители на градот растеле со овој препознатлив вкус, кој со текот на времето стана културно наследство и гордост на целото Крушево.
Зачувувањето на оваа традиција низ повеќе од еден век сведочи за истрајноста и посветеноста на семејството Чонески. Рецептот и занаетчиската техника се пренесувале од колено на колено, како доказ дека љубовта кон сопствениот град и неговата култура може да трае и да се надградува.
Со својата кандидатура за градоначалник, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Нико Чонески ја пренесува истата таа посветеност и визија од семејната традиција кон јавната сфера. Неговата цел е да покаже дека традицијата и културното наследство не се само спомен од минатото, туку основа врз која може да се гради иднината на Крушево.
Кандидатурата на Чонески е симболична – токму како што „Тагас Балкан“ ја зачувал автентичноста и уникатниот дух на градот, така и неговата визија за општината се темели на спојот на традицијата и современото лидерство.