Доналд Трамп изјави дека разговорал со Владимир Путин и дека тој разговор кој траел повеќе од два часа бил „добар и продуктивен“ и дека се согласиле да свикаат состанок на високи претставници, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, следната недела на неодредена локација.
Во објава на Truth Social, Трамп рече дека тој и Путин потоа повторно ќе се сретнат во Будимпешта „за да видат дали можеме да ја завршиме оваа ‘неславна’ војна меѓу Русија и Украина“. Трамп рече дека утре ќе разговара за овој телефонски повик со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, но верува дека денес е „постигнат голем напредок“.
Трамп, исто така, рече дека верува оти „Успехот на Блискиот Исток ќе помогне во нашите преговори за постигнување крај на војната со Русија/Украина“. Тој рече дека Путин ѝ се заблагодарил на Меланија Трамп „за нејзиното ангажирање со децата… и рекол дека ова ќе продолжи“ и дека двајцата лидери разговарале и за трговијата меѓу Русија и САД кога ќе заврши војната.
Путин му кажал на Трамп во денешниот телефонски разговор дека испораката на американски крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина ќе му наштети на мировниот процес и ќе ги наруши односите меѓу САД и Русија, изјави помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, за новинарите.
Ушаков рече дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи телефонски разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во наредните денови.
Разговорот меѓу Путин и Трамп се одржа на иницијатива на Русија, додаде Ушаков.