Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска изјави дека тројца доктори кои примиле повисоки плати вратиле вкупно 25 илјади евра во буџетот на здравствениот систем, откако било утврдено дека им биле неправилно пресметани примањата, односно дека добиле повеќе средства од тоа што законски им следувало. Клековски прецизираше и дека не станува збор за лекарот кој претходно беше посочен од премиерот Христијан Мицкоски дека примал 12.000 евра месечно.
„Во три случаи актуелни или поранешни директори ги имаат вратено погрешно пресметаните приходи. Ќе јавреднуваме работата и платите ќе одат нагоре, меѓутоа од другата страна очекуваме фер однос и од другата страна и да престанат злоупотребите на додатоците. Таа комуникација ја имаме и со јавните здравствени установи и со синдикатите. Постојано ќе го комуницираме тоа за да се придвижиме од една состојба каде што трудот не се вреднувал, па некои луѓе сами си го наплаќале спрема она што сметале дека им следува“ – Сашо Клековски директор на ФЗОМ.
Претходно и министерот за здравство Азир Алиу, откри дека во јавното здравство има лекари кои земале плати и над 10 илјади евра месечно, а во поединечни случаи и до 700 илјади денари. Министерот не ја исклучува можноста за кривична одговорност.
Како реакција на состојбата, најави воведување систем за евиденција со отпечаток од прст за здравствените работници, мерка што треба да стави крај на злоупотребите и да се воведе ред во системот.
