САД, Канада, европските и арапските земји се подготвени да придонесат за проценетите 70 милијарди долари потребни за реконструкција на Газа, објави денеска Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Како што е наведено, по војната на Израел против Хамас, останале најмалку 55 милиони тони урнатини, што, велат тие, е еднакво на 13 пирамиди во Гиза.
УНДП наведува дека е можно да бидат потребни децении за Газа целосно да се опорави, објавија британските медиуми.
„Слушнавме многу позитивни вести од голем број наши партнери, вклучувајќи ги европските партнери и Канада, во врска со нивната подготвеност да помогнат. Разговори се одржаа и со САД“, соопшти УНДП.
Според Сателитскиот центар на Обединетите нации, околу 83 проценти од сите згради во градот Газа се оштетени.
УНДП соопшти дека веќе исчистил околу 81.000 тони урнатини од Појасот Газа и продолжува да го прави тоа.
Според здравствените власти во Газа, во конфликтот, кој трае околу две години, загинаа околу 68.000 луѓе.