Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави денес протести во Македонија ако власта не излезе транспарентно со податоци околу договорот што го има со велика Британија и кој, според британските медиуми, опфаќа и испраќање одбиени азиланти, т.е. мигранти. Филипче оцени дека Владата фрла магла и лажно го негира договорот за кон имале потврда и од свои извори во Велика Британија.
„Повеќе од очигледно е дека договор за мигрантите има. Владата мора да го потпише за да дојде кредитот од шест милијарди евра“, рече Филипче. Тој оцени дека власта го преоптоварила буџетот, дека нема пари и дека веќе има една милијарда евра дупка поради што се вклучува во вакци сценарија, како тие на српскиот претседател Александар Вучиќ со литиумот што покрена големи протести во Србија.
„Власта планира и подготвува предвремени избори напролет. Затоа мигрантите се договорени а парите треба да дојдат тогаш, рече Филипче оценувајќи дека Мицкоски сака да добие втор мандат.
„Нема да има шатори за мигрантите и кампови, но ќе има социјални станови. Сите релевантни британски медиуми објавија дека ќе им се обезбедува сместување, работни дозволи и социјално осигурување, што е еден чекор до давање пасоши“, рече Филипче. Дали земја која не може да исплати плати може да се справи со мигранти? – беше неговото прашање.
По онлајн петицијата, за која ги повика граѓаните да ја потпишат, тој најави втор чекор, дека ќе достави резолуција до Собранието со која би се спречило носење на мигранти во Македонија.
„Од Собранието ќе бараме да се изгласа резолуција за ова да го запреме. Ако не се прифати резолуцијата, еден од начините да се бориме е да повикаме на голем народен протест, силни обединети против носење на мигранти во Македонија. Ова не е протест за партија, туку за стабилноста и безбедноста на земјата“, рече Филипче.
Според него ова не е шега и владата не може да ни фрла магла за што се договара со Лондон и да не кажува на јавноста.
Од владејачката партија претходно реагираа дека СДСМ, „како расипана плоча“, повторува обвинувања кои веќе биле демантирани и од ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот Христијан Мицкоски.
„Секој ден исто – лажни вести, шпекулации и обиди да се создаде паника. СДСМ е без идеја, без програма и без аргументирана критика, па затоа повторува теми кои немаат врска со реалноста,“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.Во соопштението се нагласува дека ставот на владината коалиција е недвосмислен и непроменет: „Мигранти во Македонија нема да има“. Филипче пак ги спори овие демантирања, бидејќи според него испаѓа дека сите лажат, и СДСМ, и британските медиуми, и британските политичари, само ВМРО-ДПМНЕ не.