Премиерот Христијан Мицкоски утре во Охрид ќе биде домаќин на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Како што соопшти Владата утре во 10:00 часот премиерот Мицкоски заедно со министрите ќе го пречека хрватскиот премиер Пленковиќ на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Според агендата по пречекот во премиерската вила ќе се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Мицкоски и премиерот Пленковиќ, а во 11:15 часот ќе се одржи владина билатерална средба во хотел „Инекс Олгица“.
Како што соопшти Владата, потоа е предвидено двајцата премиери да потпишат договори за стратешка соработка помеѓу двете земји, а македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија ќе потпишат меморандум за соработка.
Во 12:30 часот следува заедничка прес конференција на Мицкоски и Пленковиќ.
За време на престојот на Пленовиќ во Македонија предвидена е и бизнис средна на сопственици на компании од двете држави.
