Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Чучуљ: Сè уште не се прави јасна разлика меѓу законското лобирање и недозволеното влијание
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > МАКЕДОНИЈА > Чучуљ: Сè уште не се прави јасна разлика меѓу законското лобирање и недозволеното влијание
МАКЕДОНИЈА

Чучуљ: Сè уште не се прави јасна разлика меѓу законското лобирање и недозволеното влијание

Објавено June 3, 2026 13:41
Сподели
Сподели

Прв регистриран лобист, покрај трите лоби-организации и петте застапници на лоби-организации кои претходно биле регистрирани, бил забележан веднаш по завршувањето на тринеделната кампања, спроведена од Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. Главна цел на кампањата е да се подигне свеста за лобирањето, бидејќи, како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ иако Законот за лобирање е донесен пред неколку години, во практика не е доволно применуван.

Кампањата ДКСК во соработка со ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, ја спровела во период од 7 до 28 април, а како дел од неа била спроведена сеопфатна стратегија за дигитален досег, која комбинирала промоција преку социјалните медиуми на платформите на „Мета“ и рекламно прикажување преку Гугл дисплеј нетворк.

Целта на оваа кампања, истакна Чучуљ, не била само да се информира јавноста за Законот за лобирање, туку и да се отвори поширока дискусија за тоа како да се изгради транспарентен, отчетен и кредибилен систем за лобирање кој ќе биде во функција на јавниот интерес.

Во тринеделниот период, колку што траела кампањата, пораката што ја испратиле допрела до широка публика во целата држава. На платформите на „Мета“ кампањата стигнала до 717.000 лица, генерирајќи повеќе од 3,3 милиони импресии и над 71.000 интеракции. Истовремено, кампањата преку Гугл дисплеј нетворк обезбедила повеќе од еден милион дополнителни импресии и генерирала 1.282 клика на нејзините содржини.

Кампањата постигнала висока видливост на територијата на целата држава, со најголем досег во Скопје, по што следуваат Охрид, Тетово, Куманово, Прилеп, Битола, Штип и Велес. Профилот на публиката бил избалансиран, со нешто поголема вклученост на мажите, додека кампањата успешно допрела до различни возрасни групи, вклучително и помладата публика преку социјалните медиуми, како и повозрасните граѓани преку рекламното прикажување.

-Овие резултати покажуваат дека регулираното лобирање и транспарентноста имаат одек кај јавноста. Комбинацијата од голем досег, повторливо прикажување на пораките и висока вклученост ни овозможи ефективно да ја претставиме темата пред граѓаните, да ја подигнеме свеста за важноста на транспарентното лобирање и да го поттикнеме интересот на јавноста за тековниот реформски процес. Генерално, дигиталната кампања обезбеди цврсти темели за идните напори насочени кон промовирање на транспарентноста, отчетноста и јавното разбирање на регулираното лобирање во Република Северна Македонија – истакна Чучуљ.

Во рамки на кампањата биле организирани и четири тркалезни маси во периодот април – мај 2026 година, на кои учествувале претставници на деловната заедница, институциите од централната власт, локалната самоуправа и граѓанските организации.

Од дискусиите, како што истакна Чучуљ, произлегле неколку важни согледувања, а првото е дека сè уште постои ограничено разбирање за тоа што претставува лобирањето и која е разликата меѓу законското и транспарентно застапување на интересите и недозволеното влијание врз носителите на одлуки.

Исто така, била нагласена потребата од поголема промоција и практична примена на Законот за лобирање, како кај потенцијалните лобисти, така и кај институциите кои се предмет на лобирање. Како трето, учесниците укажале на потребата од дополнително унапредување на одредени одредби од Законот, со цел да се олесни неговата примена, да се обезбеди поголема правна сигурност и да се поттикне транспарентноста во процесот на креирање политики. Како четврто, била истакната потребата од континуирана едукација и јасни насоки за институциите, локалната самоуправа, деловниот сектор и граѓанските организации во однос на нивните права и обврски согласно Законот за лобирање.

На сите четири работилници присустувал преставник на Министеството за правда и сите забелешки и предлози за подобрување на законската регулатива ќе бидат пренесени до работната група, која веќе е формирана и ќе работи на измените и дополнувањата на Законот за лобирање.

-Нашата цел е да имаме закон кој нема да постои само на хартија, туку ќе се применува и во практика, со што ќе се овозможи транспарентен систем на влијание на сите заинтересирани групи во донесувањето јавни политики, закони, подзаконски акти, програми и други акти на државните органи. ДКСК ќе продолжи транспарентно да го следи овој процес и активно да учествува во работната група, сè со цел да се создадат клучните предуслови за добро управување и спречување на корупцијата – рече Чучуљ.

Тој напомена дека суштината на кампањата била да се допре до оние категории граѓани, односно заинтересирани групи кои се поврзани со лобирањето, бидејќи, како што додаде, знаеме дека лобирањето постои, но во земјава тоа често се перцепира како коруптивно влијание.

-Целта и на овој закон, како и на нашите европски партнери кои го промовираат, е влијанието што се врши врз носителите на јавни одлуки да биде евидентирано и транспарентно. Токму тоа е суштината на лобирањето. Дополнително, покрај фактот што веќе имаме прв регистриран индивидуален лобист, веруваме дека постојат многу повеќе лица кои вршат лобирање, но не се регистрирани и нивните податоци не се јавно достапни. Знаете дека во рамките на кампањата беше презентирана и нашата веб-апликација. Сите податоци поврзани со лобирањето, лобистите и лоби-организациите треба да бидат јавно достапни, со цел јавноста да има увид кој врши лобирање, во чие име се врши лобирањето и која е неговата цел – рече тој.

Во самиот процес на лобирање, појасни Чучуљ, учествуваат три страни. Првата страна е субјектот кој бара лобирање, втората е лобистот, односно лоби-организацијата која ги застапува неговите интереси, а третата страна се државните органи, односно институциите на централната власт и локалната самоуправа. Лобистите и лоби-организациите имаат посредничка улога. Тие ги застапуваат интересите на своите клиенти во однос на донесување одредени законски решенија, програми или други јавни политики. Лобистите се приватни лица, додека нарачател на лобирањето може да биде која било организација или субјект што има интерес од одредена политика или законско решение. Лобирани субјекти се државните институции и тие имаат обврска да водат евиденција за секое лобирање, да составуваат записници и да ги евидентираат податоците за тоа кој лобирал, во чие име и со која цел.

-Целта на лобирањето е да се влијае врз одредена политика или процес на одлучување. Затоа, согласно Законот, државните органи се должни да доставуваат записници за спроведеното лобирање – нагласи Чучуљ и додаде дека ДКСК врши надзор над спроведувањето на Законот за лобирање и доколку утврдат незаконска практика, можемат да отворат соодветна постапка.

Одговарајќи на новинарско прашање Чучуљ посочи дека ДКСК во процесот на борбата против корупцијата е превентивен орган и нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Националната стратегија за спречување на корупцијата, која очекуваат до крајот на месецот да биде доставена до Собранието.

-Нашата цел е преку превентивните механизми да придонесеме за воспоставување систем отпорен на корупција. Но, кога корупцијата ќе се случи, неопходна е ефикасна санкција. Доколку нема казнивост, корупцијата навистина може да стане исплатлива – рече тој.

Додаде дека во тек се измените на Законот за конфискација во граѓанска постапка и истакна дека се надева оти со нив ќе се зголеми ефикасноста во пракса.

-ДКСК беше еден од иницијаторите за донесување на вакво законско решение, бидејќи при следењето на имотната состојба на функционерите често утврдуваме дека нема значителни промени кај нив или кај членовите на нивните семејства, додека во јавноста постојат информации за лица кои располагаат со значителен имот без соодветни пријавени приходи. Токму поради тоа беше предложено ова законско решение, но неговата примена сè уште не е доволно развиена – рече Чучуљ.

Тој потсети дека годинава се следи имотната состојба на 60 функционери. Во Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси на ДКСК за 2026 година е предвидено да се следи имотната состојба на десет судии, десет јавни обвинители, десет пратеници, десет министри, десет градоначалници и десет лица на кои во 2025 година им престанала функцијата градоначалник.

-Очекуваме конкретни резултати, но од досегашното искуство можам да кажам дека откривањето незаконски стекнат имот е сложен процес. Затоа уште еднаш ќе ја нагласам важноста на законските решенија за испитување на потеклото на имотот и за лица кои не се функционери, односно не се членови на нивните потесни семејства. Ние сме ограничени со закон да ги проверуваме членовите на семејството кои живеат во заедничко домаќинство со функционерот – нагласи тој.

Соработката со Обвинителството и Финансиската полиција ја оцени како одлична, но повтори дека во целиот систем на борба против корупцијата улогата на ДКСК завршува со поднесување иницијатива или друг соодветен акт до надлежните органи, бидејќи таа не е истражен орган, пренесе МИА.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија (ВИДЕО) Спектакуларно испраќање на турската репрезентација на Светско
Следна Статија МВР почнува засилени контроли за мотоцикли, мопеди и електрични тротинети

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МАКЕДОНИЈА

Платежната агенција доби ново раководство

Даниела Лазарова Иротова е нов директор на Платежната агенција. Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски,…

November 18, 2025
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Омилена веледрогерија на минатата власт под екстремно високи цени заработувале милиони во Онкологија

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју „360 Степени“ на МТВ рече дека проблемот со Онкологија ќе се реши…

January 27, 2025
МАКЕДОНИЈА

Тошковски: Во фаза на имплементација е „паметен зелен бран“ на скопските булевари

Нема човек кој управува моторно возило во Скопје и кој не ги гледа придобивките од системот Безбеден град. Го нема…

February 20, 2026
МАКЕДОНИЈА

Перински: Скопје како град го зафати сивило, не сум видел насмевка на лице на ниту еден скопјанец

Министерот за локална самоуправа Златко Перински останува на својата амбиција да биде потенцијален кандидат за градоначалник на Скопје од редовите…

January 31, 2025
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?