„Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана и дигитална алатка,“ изјави Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека целта е Скопје да стане модерен европски град со практични и паметни решенија за своите жители.
Картичката ќе овозможи користење на јавниот превоз без готовина и редици, полесно плаќање за паркинг, како и пристап до културни и забавни содржини – музеи, кина, театри, жичарата и зоолошката градина.
Особено значајно, како што нагласи Ѓорѓиевски, „SKOPJE CITY GO“ ќе биде симбол и на социјална еднаквост. Средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно, а услугите ќе бидат бесплатни или со значително намалени цени.
Картичката ќе има и дополнителна вредност преку соработки со општествено одговорни компании, кои ќе овозможат поволности и попусти за граѓаните. Таа ќе биде достапна и како мобилна апликација, но и како физичка картичка, за да може да ја користи секој, без разлика на возраста и технолошките навики.
„Со ‘SKOPJE CITY GO’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.