Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Уставен суд ќе ја почне расправата за Законот за јазиците
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > МАКЕДОНИЈА > Уставен суд ќе ја почне расправата за Законот за јазиците
МАКЕДОНИЈА

Уставен суд ќе ја почне расправата за Законот за јазиците

Објавено December 11, 2024 08:14
Сподели
Сподели

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.

ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски со порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодари.

Активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, на 8 декември се собраа пред Уставниот суд, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до денеска кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците.

Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

– Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата  мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување.

На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост, изјави Адеми.

Според него, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владејачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа“.

Еден ден подоцна  на активистите на партијата пред Уставниот суд им се придружија и лидерите на „Европски фронт“ по одржаниот состанок на Централното претседателство на ДУИ и коалицијата во Мала Речецица.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, на собирот побара Судот да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување  одредби во Законот за употреба на јазиците.

– На 11 декември, ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите 13 иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома.

Нема да има мир ако не биде така. . . Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате. . .

Ние сакаме мир, ние сакаме демократија, ние сакаме слобода. Ја сакаме за сите.

Сакаме нашата земја да биде секогаш напредна и што е можно поблиску до Европската Унија, порача Ахмети на собирот каде што присуствуваа лидери на партиите кои се дел од коалицијата Европски фронт што ја предводи ДУИ.

Претседателката Сиљановска – Давкова вчера им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците.

– Како партиски, како лични, како субјективни одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар.

Најмалку е што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи согласно Уставот и Деловникот, рече Сиљановска – Давкова како коментар на изјавите на лидерот на ДУИ Ахмети во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за јазици.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак кажа дека ДУИ точно знаат како функционира Уставниот суд и оти денеска нема да се случи ништо, но целта им е, вели, да излезат пред јавноста и како политички глодари да кажат дека поради нивниот политички притисок се одложила одлуката за Законот за јазици, вели – Јас пред неколку дена кажав дека на овие од ДУИ многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги бираа судиите таму, во детали ги бираа судиите и буквално таму не можеше никој да биде уставен судија или каков било судија, доколку не го помине филтерот на ДУИ.

Тие точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение какво и да е, најпрво тој што е надлежен судија за овој случај треба да рапортира, да им објасни на своите колеги, потоа следи јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница, така што тоа е процес којшто ќе трае со месеци, можеби и со години.

Нивната цел е сега како политички глодари да начекаат и да видат дека еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат – еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова.

Работите не функционираат така, а на нив им е многу јасно како функционираат работите, изјави вчера Мицкоски.

Тој, воедно, упати порака за смиреност до сите граѓани и да не дозволат да бидат злоупотребени, бидејќи вели, ништо нема да се случи, а целата ситуација е под контрола.

Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.

Од Коалицијата ВРЕДИ порачаа дека не поминуваат триковите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа.

– Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача на прес-конференција Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди викендов по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција.

Таа посочи дека ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот.

 – Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик, рече Имери – Стафаи.

Од опозициската СДСМ со став дека треба да се остави Уставниот суд да си ја заврши својата работа согласно неговите надлежности.

Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање вчера рече дека од партијата внимателно ја следат состојбата со Законот за употребата на јазиците и закажаната седница на 11 декември на Уставниот суд.

– Уставниот суд како орган треба да ја штити уставноста на законите, на сите пропис и од тој аспект остро ја осудуваме политизацијата на едно вакво прашање и сметаме дека треба Уставниот суд да си ја заврши работата согласно нивните надлежности, истакна Тренчевска и нагласи дека праксата на поттикнување тензии од одредени политички актери само ги продлабочува проблемите.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев како едни од тринаесетте подносители на Иницијативата за оценка на уставноста на Закон за употреба на јазиците, вчера на прес – конференција посочи дека има четири основи по кои овој закон мора да биде поништен од кои наведе два – Првиот е тоа што е пробиен преклузивниот рок за објава, односно не е испочитуван членот 52 од Уставот, што бара уставен рок од седум дена за објава, а овој закон бил објавен после една година, и вториот е што УКАЗОТ за прогласување на Законот, не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, за што вели има уставно-судска пракса.

– Сметаме дека уставните судии мора да покажат кредибилитет и да не подлегнат на нео-балистичките уцени коишто им се сервираат овие години, како и на притисоците на власта и да се повикаат само на сопствената судска пракса досега без да навлегуваат во материјална оценка на Законот.

Сè што ќе биде спротивно на одлука за поништување на овој закон, ние ќе го сметаме за пораз на правото и правдата – потенцираше Апасиев, кој забележува и што Деловникот на Уставен суд предвидува тримесечен (брз рок на итност), а денешната подготвителна седница за истиот е закажана после речиси шест години.

 Инаку, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи минатата недела од Брисел најави дека судиите надвор од мнозинската заедници во Северна Македонија нема да присуствуваат на седницата на Уставниот суд на која треба да се расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Тој тогаш рече дека во земјава дел од законите се носат по принципот на двојно Бадинтерово мнозинство, а според неговата оценка, Уставниот суд неколкупати се ставил во улога да одлучува за политички прашања и има моќ да го урне Законот за употреба на јазиците.

Од Уставниот суд во пресрет на сдницата изјавија дека нема да коментираат ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците и најавија дека по завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за МИА рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.

– Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука.

Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам, рече Костадиновски.

Костадиновски вели и дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.

Смета дека одлуките на Судот не треба да се гледаат како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, туку треба да бидат прифаќани и да бидат орјентир, рамка за делување согласно наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална.

Да им помогнат, нивните дејствија, прописи или одлуки бидат усогласени со Уставот.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.

По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Дали Башар е сместен во „Рубљовка“? Во луксузната населба Путин ги сместува сите што имаат азил и многу пари
Следна Статија Собранието го донесе Буџетот за 2025-та

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МАКЕДОНИЈА

Мисајловски: Безбедноста на граѓаните ни е на прво место, посветени сме на зајакнување на армиските капацитети

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска на научно – стручната трибина во Домот на Армијата посветена на функционалноста на одбранбено…

November 11, 2024
МАКЕДОНИЈА

Царинската управа запленила 36 килограми марихуана и голема количина лекови

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на денешниот настан за реконструкција на граничниот премин Деве Баир, објави дека пред два…

October 5, 2024
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски подготвен да оди во Кочани и разговара со родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“

Премиерот Христијан Мицкоски во неделата изрази жалење што родителите на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ не ја прифатиле поканата за…

May 11, 2025
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски оствари бројни средби со европски челници на Самитот на европската политичка заедница, ќе има и свое обраќање

Премиерот Христијан Мицкоски учествува на Самитот на европската политичка заедница, кој започна предмалку. -Денеска заедно со министерот за надворешни работи…

November 7, 2024
Trending

Technology

  • Innovate
  • Gadget
  • PC hardware
  • Review
  • Software

Health

  • Medicine
  • Children
  • Coronavirus
  • Nutrition
  • Disease

Culture

  • Stars
  • Screen
  • Culture
  • Media
  • Videos

More

  • ХОРОСКОП
  • СВЕТ
  • ЗДРАВЈЕ
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?