Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Стефан Ристовски е нов играч на ФК Сараево, потврди клубот на социјалните мрежи. Ристовски кој до неодамна беше играч на Динамо Загреб потпиша договор до летото 2027 година, а во БиХ ќе го води хрватскиот стратег Зоран Зекиќ.
Тој има опција да го продолжи договорот за уште една сезона.
Ристовски ќе се приклучи на новиот клуб на подготовки во Словенија, а со Сараево ќе се соочи со европски предизвик. За две недели ќе го игра првиот натпревар од второто прелиминарно коло од Конференциската лига против романската Универзитатеја.
Ристовски го напушти Динамо ова лето по четири и пол години. За време на престојот во Максимир, тој освои четири титули во лигата и два купа. Одигра 185 натпревари со седум гола и 21 асистенција. Беше миленик на навивачите поради неговата посветеност и се истакна како заменик-капитен.
Сега Трансфермаркт ја проценува неговата вредност на 750 илјади евра. Искусниот Ристовски одигра 81 натпревар за Македонија.