Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат консензус за 18-тиот пакет санкции против Русија поради противењето на Словачка, но се надеваат дека утре може да се постигне договор.
„Европската унија се подготвува да усвои еден од најстрогите пакети санкции против Русија. Затоа, многу ми е жал што денес не постигнавме договор, иако бевме многу блиску“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.
Таа додаде дека сега „топката е во дворот на Словачка“ и дека очекува дека утре може да се постигне консензус.
Словачка го блокира најновиот пакет санкции на ЕУ сè додека не се решат нејзините приговори на вториот предлог на Европската комисија (ЕК) за постепено укинување на увозот на руски гас и постигнување целосна независност од руските фосилни горива до 1 јануари 2028 година.
Во јуни, ЕК го предложи својот 18-ти пакет санкции против Русија, кој главно е насочен кон приходите од енергија и банкарскиот сектор на Русија.
Предлогот, меѓу другото, вклучува забрана за трансакции со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ и намалување на максималната цена по која може да се продава руска нафта од 60 на 45 долари за барел.