Пред да започнам со говорот, сакам да соопштам две убави работи кои денес се завршија во македонското Собрание. Помина Законот, со кој на сите студенти во државата запишани на додипломски студии за учебната 2025-26та година ќе добијат таблет, лаптоп или компјутер. Поддршка за секој млад човек. И втората работа е ново додатно покачување на пензиите на пензионерите, линеарно, онака токму како што тие бараа. Вака се сака Македонија, рече премиерот Христијан Мицкоски вечерва на трибина во Кичево.
-Додека опозицијата клевети, удира ниско, работи против државата, ние градиме, придонесуваме и се бориме за сите граѓани. Со голема чест и големо срце стојам вечерва овде меѓу вас, во градот кој има дадено многу за нашата татковина. Град со традиција, со борбен дух и со луѓе што знаат што е вредност, што е достоинство, што е исправност. Оваа вечер е посебна. Не само затоа што сум со вас, туку затоа што заедно можеме да погледнеме наназад, на една година исполнета со борба, со работа, со резултати. Но, уште поважно, да погледнеме напред. Со надеж. Со план. Со волја за промена и за подобро утре за секој еден човек во нашата Македонија. Пред точно една година, народот донесе одлука. Реши да ја земе иднината во свои раце. По седум години хаос, пониженост, криминал, уцени, поделби и страв, конечно дојде времето на правдата, на слободата, времето на работа. Граѓаните ја вратија надежта во сопствени раце. Доволно беше од заробена држава, доволно беше од корупциски скандали, од уценети функционери, од неми институции. Македонија беше држава во која владееше партијата, а не законот. Народот беше понижен, а криминалот беше наградуван. И тогаш, граѓаните гласно кажаа доста е. И го избраа патот на вистината и на исправноста. Ни ја дадоа довербата, да ја водиме оваа држава и од тој ден започна промената, рече тој.
Премиерот посочи дека првата година ја посветиле на темелите.
-За да градиме иднина, мора прво да ги исправиме сите оние работи коишто беа погрешно поставени. Ги зајакнавме институциите. Го воспоставувавме законот. Го стабилизиравме економскиот курс на државата. Го скротивме хаосот кој што го оставија. Почнавме да вложуваме повторно во системот, а не во партиските џебови. Да вложуваме во човекот, во учениците, во земјоделците, во работниците, во младите, во пензионерите. Да вложуваме таму каде што е најпотребно. И можам да ветам и да кажам, дека тука нема да застанеме. Знам, не е лесно. Знам исто така, дека народот е изморен од лаги, од празни зборови и празни ветувања. Но, и тоа го знам, народот гледа кој работи, а кој се крие. Гледа кој вложува, а кој краде. Гледа кој се бори за Македонија, а кој ја продава. И затоа, ние како Влада, не бегаме од одговорноста. Ја носиме со гордост, затоа што оваа држава вреди да се бори за неа и да се спасува, од тоа што го наследивме. Вреди да се гради. Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно, градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за вас и за вашата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на пропсеритет, ред, развој, почит, човечност, земја на вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе, рече тој.

Една година од новиот почеток, една година градење на темели, една година за вас, им рече Мицкоски на денешниот собир чија тема беше образованието и социјалната политика.
-Во образованието ја направивме најголемата промена досега. За првпат по седум години, учебната година започна со над еден милион учебници, поставени на училишните клупи уште на првиот училишен ден. Нешто што не беше случај изминатите седум години, кога владата ја предводеа СДСМ и ДУИ. Никој не веруваше дека е возможно, но ние покажавме дека кога има волја, има и резултати. Испечатени се над 100 нови наслови за средното стручно образование. Се градат нови училишта, се градат нови спортски сали, комплетно се реконструираат училишта, итн. Се она коешто е потребно нашите најмили, децата, да го добијат, а тоа е образованието. И не само основното и средното образование, вложуваме и во студентите. По долгогодишен застој, конечно се одблокирани објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Тоа се генерации што нема да студираат во импровизирани простории, туку во современи згради, со современи услови. Во 2025 година, како што претходно можевте да видите, обезбедени се 38 милијарди денари за образованието. Тоа е најголемиот влог и буџет досега во обраованието. Тоа е јасна порака, дека иднината на Македонија е во знаењето. Но, ние не застануваме тука. Знаеме дека без економски развој, нема стабилна држава. И затоа ја отворивме вратата за инвестициите. И домашни и странски. Секој ден разговараме со инвеститори, отвораме нови фабрики, нови работни места. Даваме поддршка на земјоделците, на стопанството, на приватниот сектор. Даваме шанса на младите да останат тука, дома, да создаваат тука, и да веруваат во својата татковина Македонија. Обезбедуваме и повисоки пензии за пензионерите. Со ова ново линеарно покачување, веќе зголемувањето за пензионерите, линеарно за една година или година и неколку месеци, изнесува историски високи 7 илјади денари. Тоа можеби и не е доволно, јас сум сигурен, но е многу повеќе од сето она коешто се случуваше во минатото, истакна тој.
Премиерот најави нови инвестиции во Кичево.
-Во Кичево ќе продолжиме да вложуваме. Нови локални патишта, водоводи и канализации. Ќе се инвестира и во спортот, и во културата, и во туризмот. Ќе ја вратиме поддршката за сточарите и земјоделците од овој крај. Ќе создадеме нови работни места. Ќе има можност за младите, и сигурност за повозрасните, фер услови за сите. Градиме држава која ќе ги слуша граѓаните, а нема да ги манипулира. Оваа година не беше година на зборови. Ова беше година на работа. Година на темели. Темели на држава која ќе биде правична, достоинствена и силна. Темели на држава во која нема повеќе место за политички елити кои крадат, уценуваат и продаваат сè што е македонско. Темели на иднината која сите ние заеднички ја заслужуваме. И ова не е крајот. Ова е само почетокот. Почеток на реформи. Почеток на нов развој. Почеток на Македонија што живее. Македонија што се гради. Македонија што се сака, рече Мицкоски.
„Од друга страна наспроти нашите напори и борби, имаме опозиција која боледува од вирусот на безидејноста, која не извлече ниту една лекција зошто се таму каде што се и во таква една ситуација толку се слаби што, во овој момент некогаш големата СДСМ се сведе да биде застапник на одредени бугарски интереси и да е за жал, нивната продолжена рака. И втората работа, која што исто така е карактеристична за СДСМ е да се борат на овие избори, не со тоа тие каков концепт ќе понудат, туку да работат по секоја цена ДУИ да има добар резултат и да ја спасуваат политичката кариера на политичарите од ДУИ, меѓу нив и Али Ахмети. Од некогаш големата СДСМ, станаа само на овие локални избори, овие две работи. И за овие две работи кои ги тврдам, има и конкретни чекори кои ги преземаат. Видете кој најгласно во Македонија зборува за уставните измени, чиви полуги слугуваат на оние пропагандни и пред се лажни текстови каде се бројат измислени пасоши за македонски политичари. Без задршка, без ограда излегува претседателот на СДСМ и зборува дека беусловно ќе го променел Уставот и ќе ги вметнел Бугарите во Уставот. Сега ми е јасно, зошто ја отфрлија секоја подадена рака од моја страна за државно единство за националните прашања. Затоа што во СДСМ политичарите се на копче. И тоа го прават притиснати од својата безидејност и концесии од минатото. И затоа толку на ниско ја водат политиката. Нема несреќа која не ја злоупотребија и судбина која не ја искористија. Нема пожар за кој не направија прес-конференција, а сите знаеме дека најголемиот дел од нив се подметнати. Тие се водат од тоа колку полошо за народот, толку подобро за СДСМ. Значи вниманието кон себе не го вртат со работа или труд, туку со поделби, со омраза и со слугување. И затоа, тие кога знаат дека не се конкурентни со работа, идеи и концепти, нивната задача е ДУИ да го помогнат на овие избори. Затоа станаа нивен изведувач во политиката, за да спасат кариери, но така спасуваат и бизниси кои си ги почнаа додека заедно беа на власт. Народот не им верува и затоа воопшто немаат доверба. Неодговорно е таковото однесување кон самите себе, но и кон Македонија“, посочи премиерот.
На кичевчани им порача дека ова е време на надеж, време на визија.
-Време кога конечно се враќа верата дека вреди да се остане тука. Вреди да се работи тука. Времето на Македонија која допрва доаѓа. Оваа година беше година за вас. За секој еден од вас. За секое дете, секој млад човек, секој родител и секој пензионер. Оваа година ги поставувавме темелите. Од следната, градиме кат по кат. Да сте ми живи и здрави, Бог да ни го благослови Кичево, Бог да ни ја благослови нашата заедничка Македонија. Времето на Македонија доаѓа, рече Мицкоски.