„УНИЦЕФ го поздравува усвојувањето на новите формули за финансирање на основното и средното образование од страна на Владата на Северна Македонија. Оваа значајна реформа ветува подобрување на правичноста, ефикасноста и квалитетот на образованието и подобрување на резултатите од учењето на децата низ целата земја.
„УНИЦЕФ, заедно со Светска банка и Владата на Швајцарија, имаше чест да ја обезбеди својата техничка експертиза и поддршка на Министерството за образование и наука во процесот на развој на овој нов систем за финансирање на образованието.
„Новите усвоени формули носат трансформативни придобивки за општините, училиштата и, што е најважно, за децата:
• Новите формули за финансирање им даваат на општините и училиштата јасна рамка за планирање и распределба на ресурсите, според стандардни трошоци по ученик кои одговараат на развојните потреби и можат да се прилагодат на демографските промени.
• Формулите ќе им помогнат на училиштата подобро да одговорат на различните потреби на учениците преку дополнителна поддршка за вклучување на деца со посебни образовни потреби, на деца што учат на јазиците на помалите етнички заедници и на деца што живеат во сиромаштија.
• Новите формули ќе им дадат на општините стимули да го оптимизираат својот школски систем и ресурси, така што секое дете ќе има пристап до оптимални услови за учење без разлика каде живее. Ова ќе овозможи училиштата постепено да воведуваат едносменско работење и да понудат целодневно учење во добро опремена средина, со повеќе време и простор за воннаставни активности што го поддржуваат севкупниот развој, креативноста и благосостојбата на децата.
• Формулата за средно образование има за цел подобро да го усогласи стручното образование со потребите на пазарот на трудот, обезбедувајќи им на учениците можност да ги стекнат потребните вештини и искуства за идно вработување.
„Овие реформи не се само технички прилагодувања; тие претставуваат стратешки пресврт кон поинклузивен и поефикасен образовен систем. Преку пофер и поефикасна распределба на ресурсите, тие ќе го подобрат квалитетот на наставата и ќе промовираат понатамошна еднаквост.
„УНИЦЕФ останува посветен на поддршката на Владата во обезбедувањето секое дете, без разлика кое е тоа дете и каде живее, да има пристап до квалитетно образование што ќе го подготви за живот, работа и активно граѓанство.“