СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот што власта се обиде да го претстави како наводна афера за прислушкување, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Oсобено по контрадикторните изјави на Мицкоски и Христовски. Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго: дека станува збор за „прибирање информации за таргетирани лица“. Кој овде лаже Затоа е неопходно веднаш да се декласифицираат сите документи и јавноста да ја дознае вистината. Не може вака да се нафрлаат само изјави во јавноста без докази да им се приложат на граѓаните. Овој случај мора да биде целосно достапен на јавноста за да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните служби“, рече таа.
Доколку АНБ тоа не го направи, додаде Кузеска, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злупотреба.
„Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со некакви дронови, со обиди за поткуп од странски компании на премиерот и низа други измислени приказни кои завршија без никакви докази и без разрешница. ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели. Тоа е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, кои имаат само една цел, да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните“, рече Кузеска.
Според неа, растечкото незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски.