Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот – порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“.
Во обраќањето на свечената академија за јубилејот на „Љуботен“ што се одржа синоќа во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово под нејзино покровителство, Силјановска-Давкова напомена дека имаме посебна обрска да го заштитиме планинското богатство со кое, рече, сме благословени. Должни сме, истакна претседателката, да ги сочуваме ретките и загрозени видови дрвја, животни, билки, птици, инсекти, а природата ќе ни врати со чист и свеж воздух, ќе не штити од порои и поплави, ќе не лекува и ќе не храни.

-Да ја афирмираме филозофијата на здрав живот. Да направиме култ од планинарењето меѓу младите. Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и да ги насочиме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење – потенцира Силјановска-Давкова.
За неа е неспорно дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
Претседателката изрази благодарност до сите генерации планинари, посебно до членовите на Љуботенската фамилија.
На Љуботенци им порача да го продолжат другарството со Шара.
-Привлечете нови пријатели, убедувајќи ги дека планинарењето не е само спорт, туку и здравство, туризам, екологија, економија, безбедност, па и музика, поезија, романса. Верувам дека планината ги здружува луѓето и во добро и во зло, во планинарењето и во зимските спортови, поттикнувајќи ги солидарноста, натпреварот и хуманоста, како и облагодарувајќи ги натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Совршеноста на природата раѓа мирни и мировни вибрации кај луѓето, а не воинствени и уништувачки. Можеби затоа планинарите не се откажуваат од планината и имаат насушна потреба од неа, како сечовечки мелем и лек за среќната или несреќна душа. И јас не сум исклучок. Никогаш, никогаш нема да ја заборавам магијата на Лешница. Можеби затоа е крај мене убавицата Караманка, девојката – планинка. Очекувам раст и развој на Планинарскиот клуб „Љуботен“, подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот, со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето, од сите страни атакувано физичко и ментално здравје. Овој голем јубилеј ни овозможува да ги сумираме резултатите не само низ лична, индивидуална, туку и низ социјалната димензија – рече Силјановска-Давкова.
На настанот се обратија и претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиноски и претседателот на ФПСМ, Зоран Читкушев.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.

На претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.