Камерите на „Safe City“ регистрирале 110 илјади прекршоци во првите 24 часа само во Скопје. Или поинаку кажано – 77 прекршоци во минута – и тоа само во првиот тест ден. Најмногу, околу 90%, се за прекумерна брзина, а над 5 илјади прекршоци се за поминување на црвено светло.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека системот е во фаза на консолидација и може да стапи во целосна примена од 1 јануари. Министерот Панче Тошковски изјави дека ќе се разгледа можноста толеранцијата на брзината да биде до 10% над ограничувањето, по примерот на некои европски практики — на пример, при ограничување од 50 km/h би се толерирало до 55, а казната би следела на 56 km/h. Тој истакна дека нема да има толеранција за ниту едно возило, дури ни за службени возила, освен Брза помош, Пожарна, Полициски акции и специјални придружби.
„Возилата со странски регистарски таблички при излез од Македонија не може да се спречат да ја напуштат државата според законот, и не може да биде поинаку. Но, ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен влез во Македонија додека не ја платат казната за сообраќајниот прекршок. Не велам дека ‘Safe City’ е идеален, не велам дека со ова решение сме ја завршиле работата, не! Сигурно има елементи кои ќе треба да ги коригираме“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Овој проект се тестира во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридор 10 и Коридор 8. На автопатите треба да биде активиран во следните денови. До средината на 2026 година властите планираат сите градови во државата да бидат опфатени со системот „Safe City“. Премиерот Мицкоски вели дека ќе ги прифати сите критики само за системот да постигне ефект во намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи.
„Го видовте бројот на прекршоци за еден ден, најголемиот дел затоа што несовесни возачи управувале нерегистрирани возила. Дел од прекршоците, неколку илјади, биле за поминување на црвено светло. Само присетете се колку луѓе ги загубија своите животи затоа што некој возел неприлагодена брзина и поминал на црвено“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според официјалните податоци, во 2024 година во сообраќајни несреќи загинале 142 граѓани, што е многу висока бројка во споредба со земјите од ЕУ, каде годишниот просек е 45 жртви на еден милион жители. Во нашата држава, просекот во последната деценија е 78 жртви на еден милион жители, додека во скандинавските земји тој број е 20. Властите се стремат до 2050 година овие мерки да го сведат бројот на загинати на нула.