Студентите во блокада денеска низ цела Србија ја организираат акцијата „Распиши победа“, во рамки на која собираат потписи за распишување вонредни парламентарни избори. Граѓаните можат да ја поддржат иницијативата на речиси 500 штандови, поставени во повеќе од 100 градови и општини.
Според објавените податоци, потписите се собираат во 113 места на вкупно 491 штанд, а локациите и временските термини редовно се ажурираат на официјалната веб-страница на студентската иницијатива.
Од раните утрински часови, граѓаните започнаа да се приклучуваат на акцијата. Во банатското село Омолица, во близина на Панчево, мештаните уште од утро потпишуваат барања за одржување вонредни парламентарни избори.
Покрај поголемите градови како Белград, Ниш, Нови Сад и Крагуевац, на списокот се вклучени и бројни помали места од северот до југот на земјата.
„Дојди да ја распишеме победата заедно. Потпиши ја одлуката, остави контакт и приклучи се како активен учесник во оваа борба“, порачуваат студентите, повикувајќи ги граѓаните да се вклучат и како контролори и активисти на терен.
Во Белград, од 10 часот на Студентскиот плоштад е најавен и новогодишен базар со програма за деца и штандови за донации, кој ќе трае до 20 часот. Граѓаните се повикани да донесат украси за заедничка новогодишна елка, како и слатки и играчки кои студентите подоцна ќе ги дистрибуираат низ Србија.