Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е подготвен во кое било време да настапи на избори, вели лидерот Венко Филипче.
Тој вели дека е прилично сигурен оти во земјава ќе има предвремени избори.
„Дали ќе бидат на крајот на оваа година или на почетокот на следната година тоа зависи од неколку фактори“,рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
Лидерот на СДСМ го повтори она што неколкупати досега го изнесоа од партијата дека оваа Влада е тесно поврзана со авторитарните режими во регионот.
„Оваа влада е тесно поврзана, и ние тоа секојдневно го кажуваме и го аргументираме, со авторитарните режими во регионот – на Орбан и на Вучиќ. Избори ќе има и во двете земји. Многу работи ќе зависат од исходот на тие избори“,кажа Филипче.
Според Филипче, во земјата има тешка економска состојба, а оваа Влада ја носи државата во амбис.
„Мислам дека конечно на граѓаните им е јасно за каква Влада станува збор и дека повеќе нема да може да помине лажната пропаганда, со којашто тие дојдоа на власт во 2024 година, да потсетам со националистичка реторика, со лажна пропаганда дека СДСМ се предавници на националните интереси, ветуваа подобра Преговарачка рамка, а што направија ја изолираа земјата“,додаде лидерот на СДСМ.