Нема да успеат обидите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за рушење на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова денеска на прес-конференција го порача портпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска, додавајќи дека СДСМ останува обединета со нова сила и нова енергија, а единствена во борбата против криминалната власт на премиерот Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, обидите за рушење на СДСМ доаѓаат откако е разоткриена бизнис-шемата на Мицкоски во енергетиката, по што следуваат координирани обиди за дефокус од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не им останува ништо друго освен да пробаат да ја рушат СДСМ. Последните анкети направени токму од ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката, а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа ова се случува. Затоа и постои т.н. платформа за рушење на СДСМ одвнатре, осмислена од страна на ВМРО“,рече Кузеска на прес-конференцијата од седиштето на „Бихаќка“.
Посочи дека нема да дозволат рушење на СДСМ, како и дека ќе продолжат да ја објавуваат вистината за криминалите на власта.
„СДСМ останува обединет. Посилни од кога било му дадовме ветување на ВМРО дека сите ќе одговараат. Продолжуваме да ги откриваме сите криминално-коруптивни дејствија на ВМРО и Мицкоски“,кажа таа.