Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим и денеска се појави Благодатниот оган, едно од чудата во православието што секоја година се случува на Велика сабота пред Воскресението Христово – Велигден.
Благодатниот оган се спушти во кувуклијата – параклисот над Светиот гроб, каде што според црковните преданија, бил погребан Исус Христос, откако православниот ерусалимски патријарх Теофил III влезе да се помоли.
Годинава беше неизвесно како ќе се одвива чинот на слегувањето на Благодатниот оган, имајќи предвид дека Храмот на Христовиот гроб во Ерусалим беше затворен за поклоници и посетители, откако изралеските власти воведоа воени ограничувања поради конфликтот со Иран.
Вратите на храмот беа повторно отворени на Велики четврток по постигнатото примирје со Иран.
Според историските записи и преданија, Светиот оган најверојатно прв пат се појавил во 33 г. од н.е, точно во времето на Воскресението на Исус Христос, од полноќ на Велика Сабота па до неколку часа пред разденување на Воскресна Недела. И сè до денес, повеќе од два милениума Благодатниот оган и понатаму како молња слегува на Христовиот гроб секоја Велика Сабота, неколку часа пред прославата на Неговото Воскресение.
На спуштањето на огнот му претходи сложен чин: вратата на кувуклијата е запечатена со голем восочен печат како знак дека нејзиното детално прегледување е завршено и дека внатре не е пронајдено ништо што би можело да му послужи на ерусалимскиот патријарх на каков било начин да запали оган.
Непосредно пред влегувањето на патријархот, печатот се отстранува и се внесува голем свеќник и 33 свеќи. Патријархот и присутните верници во храмот потоа непрекинато се молат за појавување на Благодатниот оган.
По спуштањето на огнот, патријархот излегува од кувуклијата им го предава светиот дар на собраните верници. Вообичаено во Црквата на Светиот гроб и во нејзина близина во Ерусалим на овој ден се собираа илјадници верници, кои по преземањето на Благодатниот оган од рацете на ерусалимскиот патријарх го пренесуваат понатаму.
Во изминатите години, претставници на помесните православни цркви го преземаа Благодатниот оган од аеродромот во Тел Авив и го пренесуваа во своите земји, но оваа година тоа е отежнато поради состојбата на Блискиот Исток и воведените ограничувања во авиосообраќајот и безбедносните мерки
