Во периодот од 2020 до 2026 година, Управата за јавни приходи евидентирала десетици илјади случаи на приливи од странство кај физички лица, при што за 2020 година биле испратени 11.527 известувања за можен оданочив доход, а за 2025 година биле регистрирани 70.869 лица со приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра, беше истакнато на денешниот брифинг со новинарите што го одржа директорката на УЈП Елена Петрова.
Како што беше посочено, за 2020 година, по спроведената анализа на податоците, 2.276 лица доброволно поднеле електронски пресметки (е-ППД), додека кај 3.637 лица даночната обврска била утврдена по службена должност. Вкупно 5.913 лица биле задолжени аконтативно, а кај 5.614 лица било утврдено дека приливите не се оданочиви, односно станува збор за приватни трансфери. Вкупно утврдениот данок за 2020 година изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони денари.
Во следниот период, односно од 2020 до 2024 година, пријавувањето на доход од странство продолжило, при што, како што информираа од УЈП, дел од граѓаните редовно ги исполнувале своите обврски, а значаен дел од задолжувањата биле утврдени по доставени известувања од Управата.
Во втората половина на 2024 година започнала системска анализа, прочистување и вкрстување на податоците за приливи од странство кои УЈП ги добива од банките, а кои претходно, иако биле законски доставувани, не биле обработувани на ваков начин.
-Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. Секако дека не сите овие приливи се оданочиви. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за остврен оданочив доход – истакна Петрова.
Информираше дека во тековниот период, односно во 2026 година, активностите продолжуваат во рамки на законските рокови за контрола, кои предвидуваат релативен рок од пет и апсолутен рок од десет години, при што фокусот, како што беше нагласено, останува на доброволното усогласување.
Директорката на УЈП појасни дека оданочувањето на доходот остварен во странство не е нова обврска и не станува збор за ретроактивно воведување данок, туку за примена на системот на самооданочување. Физичките лица имаат обврска самостојно да го пријават доходот, особено кога истиот е остварен во странство и нема домашен исплатувач, преку електронска пресметка и потврдување или корекција на годишната даночна пријава.
Во однос на реакциите во јавноста, од УЈП нагласија дека двојно оданочување не може да се случи доколку се достави доказ за платен данок во странство и се спроведе пропишаната постапка, согласно законите и меѓународните договори.
Посебен осврт беше направен и на специфичните случаи, како ангажманите во странски мисии во Авганистан и Ирак, како и на студентите кои работеле во странство преку програми како „Work and Travel“. За овие категории, УЈП спроведува поединечни анализи, директни средби, информативни активности и овозможува законска можност за плаќање на обврските на рати.
Од Управата потенцираа дека пристапот останува нерепресивен, без иницијално изрекување казни или присилна наплата, со фокус на информирање, поддршка и доброволно усогласување, со цел еднаков третман за сите граѓани и градење правичен и транспарентен даночен систем.
Граѓани од Куманово, членови на здружението „Правда за сите“, денеска протестираа пред централата на Управата за јавни приходи и Народната банка, давајќи поддршка на студентите кои работеле во странство и, како што наведоа, се соочуваат со ист проблем со оданочување на доход остварен во минатите години.
Според изјавата на Жикица Миланов, претставник на здружението, протестот во Скопје следува по, како што рече, петмесечни протести во Куманово и средба со директорката на УЈП на 30 јануари, на која биле доставени документи и докази за, според нив, пропусти во постапувањето на институцијата.
Миланов посочи дека за дел од граѓаните кои работеле во странство, решенија за наводни даночни обврски за 2020 година биле доставени по повеќе години, иако, како што тврди, претходно имале уверенија дека немале неизмирени јавни давачки. Тој наведе пример каде лице добило документ со состојба „нула“ на јавни обврски, а неколку дена подоцна решение за плаќање данок од околу 4.000 евра.
Како што информираше, лицата кои добиле решенија во јануари годинава поднеле жалби до Управниот суд, а постапките се во тек. Миланов додаде дека за дел од цивилните работници ангажирани во странски мисии биле доставени документи од странски компании за платен данок во странство, но истите не биле прифатени и се испратени на дополнителна верификација.
Тој нагласи дека проблемот е системски и дека се однесува на голем број граѓани, поради што, како што рече, протестите ќе продолжат сè додека не се најде решение.
Студент кој работел во Германија во текот на 2024 година денеска се приклучи на протестот пред Управата за јавни приходи, изразувајќи незадоволство од, како што наведе, нетранспарентниот и нејасен однос на институцијата во постапката за пријавување и оданочување на доход остварен во странство.
Според него пред неколку недели добил писмо од УЈП во кое бил известен дека треба да пријави данок поврзан со доход остварен во Германија, иако, како што рече, станува збор за данок што му бил вратен од германските даночни власти. Тој вели дека по добивањето на известувањето, не добил јасни и унифицирани информации од Управата.
-Кога се јавувавме, добивавме различни одговори од различни службеници – едни ни велеа дека треба да се плати данок на вратениот данок, други дека треба да се пријави целата плата. Во еден разговор ми беше кажано дека ако не ги доставам платните листи, сумата ќе ми биде утврдена по службена должност и значително зголемена. Тоа го доживеав како апсолутно некоректно и непрофесионално, изјави студентот.
Тој посочи дека студентите кои работат сезонски во Германија, најчесто преку студентски програми, заработените средства ги користат за покривање на трошоците за школување, кирија и основни животни потреби, и дека евентуалното дополнително даночно задолжување претставува сериозен финансиски товар.
Студентот нагласи дека во периодот на работа во Германија не остварувал никакви права во Македонија, како здравствено или социјално осигурување, и смета дека не е фер, единствено врз основа на државјанството, да се наметнува обврска за данок без соодветно информирање и појаснување од надлежните институции.
Тој посочи дека неговиот обид да поднесе пријава преку системот е-ППД бил одбиен, со образложение дека постапката ќе се води „по службена должност“, без дополнително објаснување. Во однос на бројот на засегнати студенти, изјави дека иако од УЈП се споменува бројка од 134 студенти за Германија, смета дека реалната бројка е поголема и дека проблемот не е во бројот, туку во принципот.
