Осудениот воен злосторник и поранешен генерал на босанските Срби – Ратко Младиќ (84), доживеа мозочен удар. Тој е во сериозна состојба, тврди неговиот син Дарко Младиќ.
Младиќ отслужува доживотна казна затвор во Хаг, каде што е осуден за низа воени злосторства, меѓу кои најтежок е геноцидот во Сребреница.
Неговиот син изјави дека доживеал мозочен удар во петокот, 10 април, но дека семејството сè уште не ја добило медицинската документација.
Тој бил однесен во болница, а вратен во притворот е истиот ден, тврди Дарко Младиќ.
Според него, Младиќ е во многу лоша состојба, повеќе не може да седи во инвалидска количка и тешко му е да комуницира.
Од 2024 година е сместен во затворската болница во Хаг. Минатото лето, судот го отфрли неговото барање за итно ослободување во Србија од здравствени причини.
Ратко Младиќ, воен командант на Војската на Република Српска, беше осуден на доживотен затвор во 2017 година пред Хашкиот суд.
Пресудата стана правосилна по второстепената одлука од 2021 година.
Младиќ беше прогласен за виновен за геноцид (по две точки), злосторства против човештвото (по пет точки) и воени злосторства (по четири точки) што ги извршил како највисок воен командант на Војската на Република Српска, со цел создавање на Република Српска.
Тој се криел од судството 16 години, а бил уапсен во Србија во 2011 година.
