-Во октомври 1903 година, Главниот штаб на Битолскиот револуцинерен округ издал наредба за официјалното прекинување на Илинденското востание и распуштање на единиците.
Со распуштањето на единиците дефинитивно завршило Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во Крушевската револуционерна околија. Никола Карев со своите соборци на 10/23 октомври 1903 година се собрале на месноста „Крвава Вода“, над селото Сланско и оттаму … преку Порече, Скопско и Србија, се упатиле за Бугарија и кон средината на ноември 1903 година, Карев пристигнал во Софија, таму каде што се собрале и сите раководители и постарите борци кои не можеле да се легализираат во Мекедонија.
Будно следејќи ги сите дипломатски и политички збиднувања на Балканот и во Европа, мудриот и политички веќе искусниот Карев, анализирајќи ја и сосема точно толкувајќи ја одредбата од петтата точка од Мирштегските реформи преточена во Општата амнестија на Султанот, која е објавена на 12 април 1904 година, одлучил, заедно со неговиот најблизок пријател Томе Никле, со посебна молба да се обратат до претседателот на Владата на Кнежевството Бугарија и нејзин министер за надворешни работи Рачо Петров, за да прашаат дали и тие спаѓаат во редот на амнестираните, бидејќи тие не биле ниту притворени, ниту, судени ниту на издржување на казна.
Молбата е со следнава содржина:
„До Господинот Министер за Надворешни
Работи и Религија во Софија
Молба
од Томе Никлев и Никола Карев, родум од гр.
Крушево, Битолски округ во Македонија
Господине Министре,
Бидејќи ние потпишаните спаѓаме во редот на оние кои се обвинуваат за активни учесници во востанието за време на минатото лето (1903 г.) во Битолскиот округ; и уште повеќе, бидејќи врз нас двајцата се припишува сето она што се случи за време на востанието во гр. Крушово; имајќи предвид дека нашето подолго останување овде станува невозможно, молиме, Господине Министре, за ваше ангажирање, преку Кнежевскиот Дипломатски агент во Цариград да се дознае дали ние спаѓаме во редот на амнестираните и, според тоа, дали можеме непречено да се вратиме во својата татковина.
Притоа, сметаме за потребно да Ви ги соопштиме следните податоци што се однесуваат на нашите личности:
Томе Никлев, родум од гр. Крушово, на возраст од 46 год., бивш градски кмет (коџабашија).
Никола Карев, родум од гр. Крушово, на возраст од 28 год., бивш учител во градот.
Со почит:
Софија 1904 г. Томе Никлев,
22/IV Никола Карев.
Адреса:
Улица ‘Гурко’ бр. 48
Томе Никлев, Софија“.
Со оглед на фактот што молбата е напишана во Софија и доставена до Владата на Кнежевството Бугарија, не е потребен посебен коментар за тоа која татковина Никола Карев ја чувствува за своја и за која јавно се изјаснува!
Времето течело, а немало никаков одговор на молбата, па не можејќи легално да се врати во својата татковина Македонија и своето родно Крушево, со доаѓањето на пролетта 1905 година, Никола Карев одлучил да формира чета со која нелегално ќе се врати во Македонија за да продолжи со она што тој, брилијантно го реализира во крушевскиот дел од Илинденското востание – да ја продолжи борбата за конечно ослободување на Македонија – вековниот сон на секој Македонец.
„На 14 април (по стариот календар, н.з.), Велики четврток утрото, како последица од предавство, се случи крвава борба во с. Рајчани (Кратовско) меѓу соединетите чети на Петар Ацев и Никола Карев – од една страна и многуброен аскер – од друга“, пишува во софискиот „Македонски преглед“ од август 1903 година.
Така започнало тоа последно утро за Никола Карев и неговите соборци.
Од сите собитија кои се случуваат од утрото до попладнето на 14/27 април 1905 година во, и околу селото Рајчани, како и од споменатите новински извештаи и сеќавањата на непосредните учесници, се наметнува заклучокот дека борците биле предадени и тоа, уште пред нивното пристигнување во селото. Предавството, како и најголемиот број предавства, со сигурност никојпат не ќе може да се дознае, кој и како го извршил.
Седумчасовниот смртоносен дожд од куршуми од сите страни кој започнал во 7 часот утрото, завршил во 14,30 часот, на Велики четврток, на 27 април 1905 година.
Преживеаниот од оваа битка Марко Христов Мирче се сеќава:
„Ги исфрлија бомбите и сите до еден беа убиени. Карев беше ранет уште во почетокот на борбата. Му се приближив, иако и јас бев ранет, крв течеше и се разлеваше од десното рамо. ‘ранет ли си!?’, ‘Да, но лесно!’ Беше блед … не го видов повеќе“.
Така, прерано завршил животот на водачот на крушевското Илинденско востание, и претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Македонската револуционерна организација изгубила еден од своите најдисциплинирани и најисполнителни организациони кадри, а Македонија и еден од своите најголеми синови. Имал само 27 години!
