Германските градови бараат решение за злоупотребата на социјалните бенефиции од мигранти од Бугарија и Романија и бараат построги правила. Многу граѓани од овие земји доаѓаат во Германија само заради социјална помош, пишува „Дојче веле“.
Германската телевизија „АРД“ направи репортажа од Хаген, град со 200.000 жители, во кој живеат околу 7.000 Бугари и Романци, од кои повеќе од половина користат социјална помош, вклучително и за покривање на трошоците за сместување. Ова ја чини локалната самоуправа меѓу 10 и 15 милиони евра годишно. Градоначалникот Денис Ребајн оценува дека ваквата состојба создава чувство на неправда кај населението.
„Луѓето се прашуваат зошто некои добиваат поддршка, додека за други важни потреби нема средства“, вели Ребајн.
Во Гелзенкирхен биле одбиени барања за социјална помош на 500 лица од Бугарија и Романија. Тамошните власти бараат работниците од ЕУ сами да обезбедуваат најмалку една третина од својата егзистенција и спроведуваат построги контроли.
Гелзенкирхен се посочува како пример поради воведените рестриктивни мерки. Во одредени случаи, од лицата кои не можат да докажат реален работен ангажман и се потпираат само на минимална работа се бара да ја напуштат земјата. Пред 11 години, во Гелзенкирхен е формирана специјална работна група, чија задача е да утврди кои лица навистина работат, а кои само формално пријавуваат вработување. Се покажало дека дел од мигрантите пријавуваат работа, но во практика не работат или работат минимално.
Градоначалничката Андреа Хенце вели дека сите кои сакаат да се интегрираат се добредојдени, но ќе се преземаат мерки против злоупотребите.
„Ќе се бориме против секој што сака да го злоупотреби системот. Често зад тоа стојат организирани структури“, кажа Хенце.
