Европската унија му изрече казна од 200 милиони евра на кинескиот гигант во онлајн трговијата „Тему“ заради нудење нелегални производи на својата платформа, јави ДПА.
„„Тему“ не успеа внимателно да ги идентификува, анализира и процени системските ризици од нелегалните производи што ги нуди на својата платформа и штетата што произлегува од тоа за потрошувачите во Европската Унија“, соопшти денеска Европската комисија.
Истрагата спроведена од комисијата, која вклучуваше и тајно купување, заклучи дека многу производи ги немаат поминато безбедносните тестови.
Меѓу нив се небезбедни полначи и играчки за бебиња што содржат хемикалии што ги надминуваат законските ограничувања за безбедност и претставуваат опасност од задушување, пренесува германската агенција.
-Проценката на ризикот на „Тему“ ги потценува конкретните ризици, нема специфичност, не е заснована на цврсти докази и не е сеопфатна“, рече потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.
„Тоа ги остава регулаторите, корисниците и јавноста во незнаење за вистинската скала на потенцијална штета што ја претставуваат нелегалните производи што се продаваат на ’Тему’. Сега е време ’Тему’ да се придржува до законот“, рече таа.
Комисијата, исто така, тврди дека понудите промовирани од инфлуенсери „би можеле да ги засилат ризиците од ширење на нелегални производи“, пренесува ДПА.
Платформата за е-трговија е активна во Европа од 2023 година и по екстремно ниски цени нуди широк спектар на производи, од облека до обувки и електроника. Нејзините агресивни маркетиншки стратегии и ниските цени ѝ помогнаа да се прошири и да ги предизвика етаблираните конкуренти како што е „Амазон“.
На „Тему“ му беа дадени три месеци да презентира план до комисијата за тоа како да се справи со прекршувањата.
Доколку не се усогласи со законите на ЕУ Комисијата на крајот би можела да изрече казни за одреден период покрај казната од 200 милиони евра.
Според Законот за дигитални услуги на ЕУ (DSA), многу големите онлајн платформи се предмет на внимателно испитување, пренесува ДПА.
